Министерот за правда Никола Тупанчески присуствуваше на отворањето на новата зграда на Управен суд. ,, Управниот суд на Република Северна Македонија е мостот меѓу граѓаните и државните органи во остварувањето на заштитата на нивните права. Со отворањето на новата судска зграда ќе се унапреди и зајакне инфраструктурниот сегмент и капацитет на судот во однос на функционалноста во процесот на обезбедување на заштитата на правата и обврските на странките во постапката, преку подобрување на просторните услови за водење на судењата, работа на судскиот персонал и овозможување на соодветни услови за целокупното работење на судот”,рече во своето обраќање Тупанчески.
Министерството за правда го поздравува почетокот на овој процес кој ќе воведе свежина во формално-правното и материјално-управно правораздавање. Унапредувањето на судскиот систем и неговото функционирање се клучна претпоставка за развојот на Република Македонија како демократска правна држава и мултикултурно општество и за нејзината евро-атланска интеграција. Во таа смисла, со донесувањето на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година, беа поставени неколку главни цели кои претставуваат фазно надминување на лоцираните слабости во правосудството, неговото поставување на патот на европските и меѓународните стандарди и неговото функционирање како главен столб на демократската правна држава.