Зборуваме за заклучоци коишто би се донеле евентуално после информацијата што ќе ја достави Владата во Собранието по која ние ќе разговараме. Значи, не станува збор за промена на француски предлог којшто моментално е и европски предлог затоа што тој е предлог на маса, туку зборуваме за тоа какви заклучоци ќе донесеме како Собрание за да ја задолжиме и обврземе Владата како да се однесува во следниот период, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието Јован Митрески, пред почетокот на средбата на партиските работни групи денеска во Клубот на пратениците.
Тој рече дека станува збор за сериозен процес во државата, и очекува одговорност од сите политички партии и пратенички групи, затоа што се работи за иднината на државата и за иднината на нашите граѓани.
– Во тој контекст ние ќе дадеме наши предлог заклучоци коишто ќе се однесуваат на нашата стратешка определба за европскиот пат, односно членство во ЕУ со исклучување на билатералните историски прашања и секако ќе дадеме предлози или заклучоци коишто ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски, јазични, културни посебности на македонскиот народ. Сето тоа ќе биде денеска од наша страна таму предложено и очекувам дека сите ќе се однесуваме конструктивно затоа што да повторам уште еднаш станува збор за сериозен процес во државата, појасни Митрески.
Прашан дали веќе има заеднички став во ВМРО-ДПМНЕ, Митрески, рече дека тоа до сите пратенички групи, односно до тие што денеска учествуваат на овој состанок доставиле наши предлог заклучоци да ги разгледаат.
– Денеска ќе разговараме врз основа на тие наши предлози. Сигурно ќе има нивни предлози, ќе разговараме и за тие предлози што може да бидат усвоени како заклучоци на седницата која што ќе се одржи во Собранието, изјави Митрески.
Тој повтори дека билатералните прашања се исклучени од преговарачката рамка, меѓутоа, во јавноста се создава или се отвора таа дилема.
-Затоа како Собрание уште еднаш ќе потврдиме дека билатералните прашања ќе бидат исклучени од рамката и ќе ја задолжиме Владата, затоа што овие заклучоци се обврзувачки за Владата да се исклучат билатералните прашања од аспект на историјата и образованието, рече Митрески.
Прашан за тоа кога е можна седница во Собранието, Митрески рече дека за тоа одлучува претседателот на Собранието.