Пратениците во Европскиот парламент денеска усвоија резолуции за Косово и Босна и Херцеговина. За резолуцијата за Босна и Херцеговина гласаа 479 европратеници, 81 беа против, а 75 беа воздржани.
Европратениците ја потврдија својата поддршка за евроатлантската ориентација на БиХ, но остро ја осудија реториката со омраза и нарушувачките дејства, вклучително и повлекувањето и опструкциите на државните институции, особено од раководството на Република Српска.
Тие ги повикаа сите политички актери во БиХ безусловно да се вратат во државните институции и да напредуваат со реформите на ЕУ, особено во областа на владеењето на правото.
Резолуцијата за Косово беше усвоена со 469 гласови за, 96 против и 72 воздржани.
Во извештајот за Косово, европратениците ја пофалија зголемената политичка стабилност на Косово и посветеноста на европскиот пат и го повторија повикот до членките на ЕУ во Советот итно да одобрат безвизен режим за косовските граѓани, нагласувајќи дека дополнителното одложување го поткопува кредибилитетот на ЕУ.