Албанскиот претседател Илир Мета, кој е во посета на Турција, и неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган високо ги оцениле „традиционално одличните односи меѓу двете земји и ја искажале заедничката определба за нивно унапредување”.
– Големо задоволство од срдечното добредојде на средбата со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на која ги оценивме традиционално одличните односи меѓу двете земји и народи и заедничката волја за нивно натамошно унапредување во иднина, напиша Мета на својот профил на Фејсбук.
Двајцата соговорници посебен акцент ставиле на заедничките напори за стабилност и мир во регионот, како и растот на економската соработка меѓу двете земји.
– Стратешкото партнерство меѓу двете земји е здрава платформа, посебно во борбата против тероризмот и заедничките напори за мир. Се заложивме за зголемување на економската соработка меѓу нашите две земји, напиша Мета.