Грковска: Креирањето на ефикасни антикорупциски политики е наш приоритет

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска во Виена имаше работен состанок со Данило Рици, претставник на Регионалната канцеларија за Jугоисточна Европа на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (UNODC).

На состанокот се разговараше за досегашната соработка во рамки на Регионалната програма на UNODC за Југоисточна Европа, со посебен фокус на Регионалниот патоказ за борба против корупцијата и нелегални финансии, во којшто неодамна се вклучија земјите од Западен Балкан.
Вицепремиерката Грковска се заблагодари за огромната поддршка од UNODC, што доаѓа во континуитет во делот на јакнење на капацитетите на државата и нагласи дека Владата на Северна Македонија во изминатите неколку години активно работи на преземање мерки и активности за спречување на корупцијата и криминалот, во секоја сфера од општеството.
„Со UNODC имаме одлична соработка и како Влада, но и со мојот Кабинет, каде што посебно би ја нагласила поддршката за активностите кои заедно ги реализираме против корупцијата во спортот, како и во делот на реализацијата на Стратегијата за јакнење на капацитетите за водење на финансиски истраги и конфискација на имот”, потенцираше Грковска.
Во разговорот, претставникот на Регионалната канцеларија за Jугоисточна Европа, Рици кажа дека UNODC дава целосна поддршка на Северна Македонија и изрази подготвеност соработката да продолжи во сите приоритетни области.
Дваjцата соговорници договорија и заеднички активности во делот на соработката на регионално ниво со земјите од Западен Балкан и под покровителство на UNODC, каде во фокусот ќе биде Регионалниот патоказ за борба против корупцијата и нелегални финансии.
Вицепремиерката Грковска e во дводневна работна посета на Виена, каде учествува на Регионална средба во рамките на проектот „Од недозволени финансиски текови до обнова на имотот”. Целта на состанокот е на регионално ниво да се дискутира за стратешките определби на земјите од регионот во однос на конфискацијата и одземање на имот. Проектот има за цел да ги подобри капацитетот на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, како и Косово според Резолуцијата на ОН 1244, да се повратат приходите и инструментите од криминал и да се зајакне размената на информации или докази кои водат до заплени и конфискации.

Треба да знаете
Последни објави