Германија го ратификуваше пристапот на Финска и Шведска во НАТО , три дена откако во вторникот 30-те членки го потпишаа најзначајното проширување на алијансата.
Парламентот во Берлин, како и Бундесратот, кој ги обединува сојузните држави, ги потврдија пристапните протоколи за двете нордиски земји.
„Ова создава поголема безбедност – за сите членки на НАТО и за Европа”, објави германскиот канцелар Олаф Шолц на Твитер.
Документите треба да бидат ратификувани од парламентите на сите 30 членки на НАТО пред Финска и Шведска да бидат заштитени со одбранбената клаузула на НАТО, во која се вели дека нападот врз една членка е напад врз сите.
Ратификацијата веројатно ќе потрае до една година, но во меѓувреме Хелсинки и Стокхолм веќе можат да учествуваат на состаноците на НАТО и да имаат поголем пристап до разузнавачките информации.