Продолжува и денеска спасувачката акција и потрагата по третиот исчезнат македонски државјанин, во Посиди, на првиот крак на Халкидики, откако вчера и завчера беа пронајдени живи неговите двајца пријатели, јави дописничката на МИА од Атина.
Вчерашната акција, во вода, од воздух и на копно, на грчката крајбрежна служба, на военото воздухопловство, на спасувачки тимови и волонтери во Посиди, не донесе резулата во обидите да се пронајде 28-годишниот.
Од грчката крајбрежна служба, доцна синоќа соопштија дека потрагата „ќе продолжи со разденувањето”, а за било каква разврска ќе информираат со ново соопштение.
Во однос на пронаоѓањето на 30-годишниот Иван, од крајбрежната служба објаснуваат дека бил лоциран вчера во утринските часови од хеликоптер на военото воздухопловство, во морската област околу 15 наутички милји западно од Посеиди.
Првично бил преземен од танкер, а потоа префрлен на патролен чамец на крајбрежната служба и пренесен на пристаништето во Неа Скиони.
Како што вчера објави МИА, спасениот со насмевка на лицето, смирен, опуштен и во добро расположение, стапна на копно, а на пристаништето беше пречекан со аплауз од присутните, но и од голем број новинарски екипи кои детално го следат случајот со исчезнатите македонски туристи.
Додека траеше акцијата и потрагата, на еден од чамците на спасувачките екипи, беа и братот и таткото на спасениот, кои од Северна Македонија пристигнале на Халкидики.
Во однос на тоа како 30-годишниот преживеал 19 часа во вода, градоначалничката на општина Касандра Анастасиа Халкиа во разговор со дописничката на МИА од Атина, откри дека мала топка му го спасила животот.
-Искрено сум многу среќна откако дознав дека е жив по 19 часа борба во морето. Една топка се најде пред него и оваа топка беше неговиот спас, рече градоначалничката која не можеше да ја скрие радоста што момчето беше пронајдено живо, особено по толку часови во морето.
Додаде дека со спасувањето на Иван ѝ се вратила надежта дека може и третото момче да биде пронајдено живо.
Спасувачката акција и потрагата започнаа во саботата во попладневните часови, кога тројцата државјани на Северна Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот.
Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започна и акцијата.
Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен во саботата по поминати околу два часа во вода, додека пак вчера, беше пронајден и 30-годишниот Иван.