Jапонскиот премиер Фумио Кишида денеска повика на партиско единство за политичка стабилност, истакнувајќи дека сите треба да работат на постигнување на незавршените цели на убиениот поранешен премиер Шинѕо Абе, кои вклучуваат зајакнување на војската и ревизија на уставот во однос на избегнување воени конфликти.
Владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) на Кишида и коалицискиот партнер Комеито обезбедија солидно мнозинство во горниот дом на парламентот на изборите во неделата, кои беа засенети од атентатот во петокот на поранешниот претседател на ЛДП, Абе, кој беше убиен за време на кампањата.
Кишида рече дека обединувањето на партијата ќе биде тешка задача без Абе, кој остави силна политичка фракција зад себе дури и откако замина од премиерската функција во 2020 година.
– Бидејќи изгубивме голем лидер, непобитен факт е дека сме оштетени на многу начини. Нашата партија мора да се обедини додека се соочуваме со тешки прашања, рече Кишида.
На изборите во неделата, коалицијата предводена од ЛДП освои 146 од 248 места во Горниот дом.
Овој резултат значи дека Кишида би можел непречено да владее до следните избори во 2025 година и ќе може да работи на своите долгорочни цели.