Во текот на денешниот ден продолжија активностите на грчките служби за потрагата по исчезнатиот македонски државјанин во Грција. Во потрагата се вклучени грчката крајбрежна стража и бројни локални волонтери.
Во текот на вечерните часови, во Грција пристигна и мајката на исчезнатиот граѓанин М.Ј., пречекана од Генералниот конзул во Солун, кој продолжува одблиску да комуницира со грчките надлежни авторитети и е на располагање за секаква потребна асистенција.
Последните информации од службите се дека потрагата ќе продолжи утре наутро, штом условите ќе го дозволат тоа.
Грчката спасувачка служба ќе вклучи и подводен дрон во операцијата.
Потрагата се одвива отежнато поради неповолните временски услови на Халкидики и силниот ветер кој дува со брзина од над 5 степени според Бофоровата скала (над 30 километри на час).
Кога ветрот ќе се смири, ќе биде активиран и дронот чија камера може да прегледува 100 метри во длабочина и 30 метри во широчина, јавува агенцијата АНА-МПА.