Мирен осми ден протести против францускиот предлог

Заврши протестот на кој денеска, по осми пат, граѓаните побараа отфрлање на францускиот предлог за деблокирање на почетокот на пристапните преговори на земјава со Европската унија.

Со транспаренти „Ултиматиум, не благодарам” и „Сепак, ние ќе победиме”, граѓаните се упатија од Владата преку Министерството за правда до Собранието, скандирајќи „оставка” и пеејќи патриотски песни. Беа испратени пораки за национално обединување и за масовност на протестите.

„На самиот почеток би сакал да се поклонам на вас, на сите вас што и вечерва во ваков импозантен број се собравте овде. Особено на оние кои што патуваат секој ден од другите градови, а се со една цел сплотена, заедно уште еднаш да им кажеме НЕ. Да им кажеме едно големо НЕ за Ултиматум со кој што треба сами да се укинеме како нација и да го поништиме постоењето на нашиот мајчин јазик и да го загубиме идентитетот под налетот на големо бугарските фашистички закани и уцени”, истакна Филип Ѓорѓиев на денешниот протест „Ултиматум, НЕ благодарам”.

Ѓорѓиев додаде дека треба Владата да го слушне народот кој е против Ултиматум. Ако треба македонскиот глас нека се слушне и до Софија, но македонскиот народ нема да дозволи да се асимилираат македонските граѓани.

„Европска Унија ДА, но само ако влеземе како Македонци кои ќе се гордо исправени, а не како асимилирани Бугари или било што друго, не со свиткани кичми, обезличени, обележани како нација со цртички или граѓани на некоја туѓа држава. А, ние младите ќе им порачаме и на домашните предавници, злонамерници и трговци на нашите човекови права и слободи кои лесно виткаат кичма дека Македонија е на Македонците и на сите народи во неа кои ја сакаат и ја чувствуваат како своја земја”, потенцира Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев ги повика сите млади кои се уште се колебаат да го искажат својот револт, да се придружат на протестите затоа што Македонија се брани со акција и со дела, додавајќи дека младите имаат доволно причини да излезат што помасовно по улиците.

Меѓу граѓаните имаше и членови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, кои јавно ги поддржуваат протестите.

Протестниот марш денеска се одвиваше мирно, а за утре е најавен нов протест во 19 часот.

Треба да знаете
Последни објави