Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери најави пленарна седница на чиј дневен ред ќе биде Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка доставена од Владата, а датумот на нејзиното одржување ќе биде дополнително соопштен. Во исто време, од власта најавија дека ќе излезат во пресрет на барањата на опозицијата и покрај Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка до пратениците ќе бидат доставени и документите на кои инсистира опозициската ВМРО-ДПМНЕ. И додека трае надмудрувањето меѓу партиите околу преговарачката рамка, до јавноста стигна порака од германскиот канцелар Олаф Шолц, кој нагласи дека ЕУ сака Северна Македонија да стане нејзина членка, за што, како што рече, ќе биде потребно да се направат компромиси кои понекогаш значат „болни отстапки, но на крајот тие секогаш нè носат напред и нè прават посилни”.
– Ние сакаме Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Сакам да бидам сосема искрен со Вас: Дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати. Но, јас исто така Ви велам: Заедно ќе ги совладаме задачите кои ни претстојат. Затоа што сакаме да бидете членка на оваа Европска Унија, порача Шолц.
Според него, земјава се соочува со носење на една многу важна одлука за прифаќање на европскиот компромис, со што конечно ќе се одржи првата пристапна конференција за членство.
– Тоа ќе биде важен чекор што ќе ве приближи до членство во ЕУ и со што ќе се надмине блокадата. Јас ги разбирам Вашата нестрпливост и Вашата фрустрација. И повеќе од тоа: ги споделувам со Вас! Јас Ве разбирам кога ќе кажете: Нам ни беше предолго и премногу ветувано. Тоа што се бараше од нас беше премногу. Јас го разбирам Вашиот сомнеж дали со овој чекор навистина ќе се отвори патот за влез во ЕУ. Сите знаеме дека компромисите понекогаш значат болни отстапки. Европската Унија се состои од компромиси, ден за ден. Но, јас сум цврсто убеден дека дури и тешки компромиси на крајот секогаш нè носат напред и нè прават посилни. Ние Ве сакаме Вас, драги Македонки и Македонци, зачленети во една унија во која се чуваат и се негуваат Вашите и нашите културни особености, нашите различни јазици и нашите идентитети. Тоа нè прави заедно силни. Ние сме и ќе останеме на Ваша страна, порача Шолц во обраќањето.
И додека се чека на одговорот на Скопје на предложената-преговарачка рамка, во Собранието вчера се одржа средба на координаторите на пратеничките групи посветена на Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка доставена од Владата до законодавниот дом.
Kоординаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски вчера изјави дека партијата бара да се врати Информацијата што ја испрати Владата како нецелосен материјал.
– Мора да се даде време и на работните групи кои се формираа во Собранието, да ги разгледаат сите документи кои ги има Владата, но и сите можни предлози со цел овој процес да го направиме што е можно потранспарентен, потенцира Мицевски.
По координацијата, собранискиот претседател Талат Џафери информира дека согласно член 185 од Деловникот, тој ја доставува Информацијата до пратениците во форма во која што е добиена и нема надлежност да навлегува во нејзината содржина и нема деловничка одредба која што му овозможува да ја врати информацијата до предлагачот.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски меѓутоа најави дека материјалите на кои инсистира опозицијата во врска со Информацијата сепак ќе им бидат дополнително доставени на пратениците.
Во однос пак на претходно изнесените барања на ВМРО-ДПМНЕ за промени во преговарачката рамка, Митревски изјави дека не е возможно Собранието да ја задолжи Владата да менува документ доставен од ЕУ. – По таа логика би требало ние да ја задолжиме ЕУ да ја промени преговарачката рамка, изјави Митревски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, во интервју за белградска „Политика” изјави дека „францускиот предлог” за решавање на билатералниот спор меѓу Бугарија и Северна Македонија не нуди почеток на македонската евроинтеграција, туку отвора бесконечни преговори или асимилација по бугарски диктат.
– Овој предлог ги содржи сите нивни барања кои се крајно неповолни за Македонија и имаат тенденција да го негираат македонскиот идентитет, јазик и историја, тврди Мицкоски во интервјуто, додавајќи дека овој документ заедно со едностраната декларација на Бугарија, која директно ја негира посебноста на македонскиот јазик, не даваат никакви гаранции од Европската унија за европската перспектива на земјава.
Од неговата партија одново обвинија дека Владата го крие протоколот со Бугарија од јавноста и ги повторија тврдењата дека со понудениот предлог не е заштитен македонскиот јазик.
Координаторот на СДСМ, Јован Митревски во однос на протоколот информира дека неговата содржина се уште не е договорена и дека тој не е потпишан.
– Кога ќе биде потпишан и кога ќе биде договорен, тогаш ќе биде објавен за цела јавност и верувајте дека се ова што сега се зборува, тогаш кога ќе биде објавен, ќе биде се побиено, рече Митревски.
Во однос на Протоколот, вчера реагираше и Министерството за надворешни работи, кое соопшти дека во јавноста повторно се појавиле неточни информации за содржината на овој документ, кој треба да претставува записник од предвидената Заедничка меѓувладина комисија која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година.
– Во јавноста е пласиран текст на бугарски јазик, кој претставува стара и неконечна верзија, како дел од бројните сет идеи кои во минатиот период се разменуваа меѓу двете министерства за надворешни работи. Во овој чувствителен момент, сметаме дека пласирањето на овие неточни информации претставува тенденциозен обид да се наруши процесот на широки консултации за францускиот предлог за отстранување на ветото и продолжување на европските интеграции на земјава, кој во моментов е во финална фаза во Собранието на Република Северна Македонија, наведе МНР.
Од МНР посочуваат и дека „содржината на евентуалниот Протокол меѓу двете земји, како записник од идната седница на Заедничката меѓувладина комисија, финално ќе биде усогласен на самата седница на оваа Комисија”.
Во врска пак со тврдењата на опозицијата дека со предложениот документ се негира македонскиот јазик, координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми по координацијата изјави дека со „францускиот предлог” е предвидено дека македонскиот јазик е заштитен сега и засекогаш, оценувајќи ги ваквите опозициски обвинувања како лажни вести.
Адеми истакна дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на ЕУ и дека на македонски јазик, без дообјаснувања, фусноти и ѕвездички, ќе биде преведено целото европско законодавство.
– Македонскиот јазик ќе биде во истата положба како што е и францускиот јазик, германскиот јазик, хрватскиот јазик и во преговарачката рамка кај нас нема ништо поинаку предвидено од српската рамка за српскиот јазик, во хрватската рамка или во албанската рамка за албанскиот јазик. Ништо поинаку! Со цела моја одговорност, јас ви го потврдувам ова, рече Адеми.