Лондонскиот аеродром „Хитроу” соопшти дека го ограничува бројот патници на заминување на сто илјади дневно, за да се избегне метеж и дополнителни откажувања летови во услови на зголемена побарувачка.
Авиокомпаниите што ги користат услугите на најголемиот британски аеродром го прифатија повикот на Владата за намалување на бројот летови, но од „Хитроу” нагласуваат дека мора да се направи повеќе.
Од аеродромот соопштуваат дека авиокомпаниите, услугите за багаж и другите копнени услуги можат да опслужуваат и до сто илјади патници на заминување дневно, бројка што последните седмици редовно се надминува, а резултира со неприфатливо лоша аеродромска услуга.
„Некои авиокомпании презедоа значителни чекори, но некои не, така што сметаме дека се потребни дополнителни мерки за да се осигураме дека патниците можат безбедно и сигурно да патуваат”, рече директорот на „Хитроу” Џон Холанд-Кеј во отвореното писмо до патниците.
„Затоа ја донесовме тешката одлука да го ограничиме капацитетот од 12 јули до 11 септември”, додаде тој.