Поранешниот американски советник за национална безбедност Џон Болтон за Си-Ен-Ен изјави дека тој лично бил вклучен во „планирање државни преврати” во странски земји.
На забелешка на водителот дека не треба да се биде „супер паметен за да се планира државен удар”, Болтон рече дека не се согласува.
– Како некој што помогнал во планирањето на државни удари, не овде, сфаќате нели, на друго место, за тоа е потребно многу работа, одговори со смирен тон поранешниот советник на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп.
Тој не прецизираше за кои државни преврати учествувал во планирањето.
Болтон, исто така, тврдеше дека нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година не бил обид за државен удар во САД. Според него, Трамп цело време „скокал од една на друга идеја”. Познат по своите воинствени ставови за дипломатијата, Болтон беше советник на Трамп во 2018 година пред да биде отпуштен.
Болтон ја даде оваа изјава во време кога комисијата на американскиот Конгрес се обидува да ја утврди улогата на Трамп во нападот на Капитол, што се случи на 6 јануари 2021 година.