Доколку Димитар Ковачевски сака навистина да ги заштити позициите на Македонија, тогаш треба да го послуша гласот на народот, на експертите, на интелектуалците и да го одбие Предлогот за преговарачката рамка, се вели во реакција на опозициската ВМРО ДПМНЕ по интервјуто на македонскиот премиер за МИА.
-Ваквиот предлог кој во себе го содржи и Протоколот се уцена после чие прифаќање на Македонија и престојат две опции, или бесконечно да преговара или асимилација по диктат на Бугарија. Сето друго кое го говори Ковачевски за наводни заклучоци и гласање во Собранието се обична фарса. Ако Ковачевски не знае што договорил Османи и не знае да прочита што содржи Предлогот, тогаш нека ги слушне барем експертите кои јасно му кажуваат дека ова е крајно неповолно за Македонија и не нуди никаква европска перспектива.
Власта се обидува со истите лаги и флоскули како пред неколку години да ги манипулира граѓаните. Лажеа дека јазикот е признаен од сите, лажеа дека не преговараат за идентитетот, лажеа дека од историските прашања нема да зависи пристапувањето, лажеа дека имало модификации на предлогот, лажеа дека Уставот на Македонија ќе се отвора пред самото зачленување… лажат и сега.
Народот веќе не им верува ни на заевиот пион Ковачевски, ни на антимакедонската СДСМ, ни на оваа криминална влада. Затоа се сенародните масовни и достоинствени протести. Затоа и денес граѓаните масовно ќе кажат НЕ на ултиматуми кои водат до асимилација со почеток во 19 часот пред платото на Владата.