Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска ќе се обрати на 81-та седница на Собранието на која ќе се расправа за Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија.
Ковачевски во интервју за МИА вчера изјави дека од пратениците очекува да размислуваат државнички, како претставници на народот, а не само на партиите.
– За одлуката во Собранието, очекувам плодна и суштинска дискусија, очекувам дека пратениците ќе бидат на ниво на задачата, која е пред нив и дека ќе размислуваат државнички и трезвено, како им доликува, како претставници на народот, а не само на политичките партии, вели Ковачевски.
Ковачевски нагласи дека во Собранието најпрво ќе се отвори дискусија, а потоа и ќе се донесат заклучоците, со кои ќе се задолжи Владата да постапува согласно одредени принципи од кои нема да смее да отстапи, а сѐ со цел заштита на позициите, кои, како што рече, нам како држава ни се најважни во целиот овој процес.
Претходно, Собранието ќе ја одржи 80 седница на која ќе се обрати претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која е во посета на земјава. Како што е најавено, на седницата поканети и претставници на дипломатскиот кор.