Баерн Минхен цел месец јуни порачуваше дека нема намера да го продаде Левандовски и го повикуваше Полјакот да го одработи она што го потпишал во договорот, а иако напаѓачот се појави на стартот на пресезонските подготовки, сепак денеска нема да позира во тимската фотографија за новата сезона.
Сите најугледни медиуми од Германија и Шпанија пред полноќ и неколку минути по полноќ пренесоа ексклузивни информации за конечен договор меѓу Баерн и Барселона, откако на Баварците им станало јасно дека нема никаква логика да задржуваат незадоволен играч кој сака да направи трансфер.
Однесувањето на Левандовски за време на првите два дена предизвикало револт и кај соиграчите од првиот тим, па сега сагата и дефинитивно е готова, откако двете страни пронашле „соломонско решение“ за задоволување на барањата.
Баерн Минхен првично сакаше чисти 50 милиони евра за да го отстапи својот најдобар голгетер, но на крајот малку попуштиле во преговорите и Германците се согласиле пет милиони да бидат на почек.
Конечниот договор е дека Барселона ова лето ќе исплати 45 милиони евра, а уште пет милиони евра ќе исплати преку бонуси во наредниот период.
Со овој договор меѓу двата клуба се исполнува желбата на фудбалерот, а се верува дека Баерн сите пари ќе ги пренамени за ангажман на Матијс Де Лихт од Јувентус, со тоа што ќе мора да додаде уште најмалку 20 милиони евра за да ги задоволи барањата на Јувентус.