Поранешниот главен командат на вооружените сили на НАТО во Европа и адмирал на САД во оставка, Џејмс Ставридис, во статија објавена викендов за неделникот „Тајм” предложи низа нови санкции, забрани и активности против Русија поради вмешаноста на Москва во американските избори.
Според него, „постојат и други форми на одговор за руската вмешаност” со оглед на тоа дека реакцијата на САД била недоволна „покрај оние неколку симболични потези”. Некои од мерките што тој ги предлага се „пошироки ограничувачки мерки за руски државјани кои патуваат во САД со каква било цел”.
-Без сомнение, претрпевме директен напад од страна на Русите во срцето на нашиот демократски систем а одговорот од наша страна беше несоодветен, покрај оние неколку преземени симболични потези, напиша Ставридис, коментирајќи ги наводите од извештајот од истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер за руската вмешаност во изборите во САД во 2016 година.
Ставридис посочи на неодамнешната изјава на сенаторот Марко Рубио дека во Конгресот постои „истоштеност од санкциите”, и предлoжи нови форми на одговор.
-САД можат да поддржат, како отворено така и прикриено, поединци и групи во Русија кои бараат демократизација, напиша тој.
Ставрдис смета дека САД не треба да се ослонуваат само на мерки против рускиот бизнис. Тој предлага санкциите да се прошират и на спортски тимови, музички групи и дипломатски делегации од Русија, но и да се воведат конкретни санкции против клучните лидери „вклучувајќи го и самиот Путин”.
-Ова може да вклучи обелоденување на информации за нивните парични депозити во странство, употреба на кибер методи за блокирање на пристапот до тие средства и соопштенија за јавноста за овие акции. Или санкции за секоја глобална финансиска институција која располага со таков капитал, предлага американскиот адмирал.
Предлага и прекинување на соработката со Русија на низа меѓународни проекти како обнова на Сирија и регулирање на цените на нафтата.
Тој смета дека актуелните ограничувања се недоволни бидејќи тие се насочени кон релативно мала група на Руси и „немаат голем резонанс и не го привлекуваат внимението на претседателот Путин”.
Поранешниот претседател Барак Обама во јануари 2017 година ги воведе првите санкции против Русија за вмешаност во изборите. Тогаш беа депортирани 35 руски дипломати со обвинување дека вршеле шпионажа, затвори два руски објекта и санкционираше четири Руси и пет руски компании.
Лани пролетта Конгресот изгласа мерки против Русија, идентификувајќи десетици руски разузнавачки, воени и политички официјални лица со замрзнување на нивниот имот, забрана за патување и забрана за водење бизнис во САД. Во септември минатата година претседателот Доналд Трамп потпиша указ за покренување на истрага за тоа дали странски лица и организации се мешале во изборите и преземање на „соодветни санкции”, доколку го сториле тоа.
Во моментов два предлог-закона чекаат во Сенатот за нови санкции против Русија. Едниот е подготвен од сенаторите Марко Рубио и Крис Ван Хилем со кој на Директорот на Националното разузнавање му се даваат 30 денови да утврди дали имало попречување во изборниот процес и воведување санкции против руски банки и компании во енергетиката ако тоа се потврди. Сенаторите Линдзи Грем и Боб Менендез предложија сличен закон.
Цензурираната верзија на извештајт на Малер беше објавена на 18 април. Од документот се дознава дека истрагата не нашла докази за заговор на претседателот на САД со Русија но утврдила дека постоеле обиди од страна на Москва да се меша во изборниот процес.
Русија е обвинета за ширење дезинформации низ социјалните мрежи со цел поттикнување раскол во американското општество, додека руски оперативци од военото разузнавање (ГРУ) хакирале сервери на неколку институции на Демократска партија и украле електронски пораки на функционери од камањата на Хилари Клинтон, соперничката на Трамп на изборите во 2016 година, за да ги објават.
Москва повеќепати досега отфрли секакви обвиненија дека се мешала во американските ибори.



