Со историската вистина нема компромис, говорењето на историските факти, никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза. Проектот на обединета Европа недвосмислено потврдува дека патот до автентично и трајно помирување меѓу народите води преку правдата втемелена врз вистината. Затоа, ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината. Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски по повод државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.
Пендаровски во обраќањето рече дека нашата држава по кој знае кој пат се соочува со обидите да биде негирана националната самобитност на македонскиот народ и да бидат оспорени неговите уникатни национални белези. Оцени дека револтот на граѓаните е оправдан, затоа што сите успеси како независна држава ги добиваме по потешкиот пат, но, не се откажуваме од стратешката цел да станеме дел од заедницата која со сите свои недостатоци, сепак, создала простор во кој луѓето се слободни и свои.
Според него, во нашите заложби за целосна интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, имаме цврста намера да ги исполниме сите услови од европските преговарачки поглавја, но, немаме намера со кого било, наместо за европски вредности да разговараме за возобновување на империјалистички концепти и идеи од минатите векови.
Концептот на обединета Европа, смета Пендаровски, ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република, но за сето ова да не биде залудно, огромна незавршена работа нè чека дома каде што треба да продолжиме да ја градиме државата како праведна и прогресивна во која македонските граѓани ќе имаат пристоен живот, добро образование, квалитетно здравство и ефикасен правен систем што ќе ги сузбива криминалот и корупцијата.
„Свесен сум дека кај дел од граѓаните постои стравување дека на тој пат кон Европа ќе биде цензурирано нашето историско паметење. Дека наводно веќе нема да можеме да спомнуваме против кого се бореле нашите херои. Или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвораме ушите за да не ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци, на генерацијата која на своја кожа ја искуси окупацијата во периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичката влада во Софија. Но, кога би престанале да ја зборуваме историската вистина ние би станале соучесници во креирањето на една нова историска неправда. Токму овие одликувања се нашиот одговор на секој обид да се замолкне вистината. Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт“, рече Пендаровски.
Додаде дека ако македонскиот народ не подлегнал на обидите за асимилација, денационализација и историски ревизионизам во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, денес, при своја држава, шансите за такво нешто се непостоечки.
Пендаровски во обраќањето посочи и дека Крушевскиот манифест ни ги дава контурите на Републиката за која се бореле илинденците – Република положена врз идеалите на правда, слобода и достоинствен живот во која ќе има место за секој маж и жена, независно од народност, јазик и вера.
Пендаровски постхумно ги одликуваше со Орден на Република Северна Македонија, Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество и Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења.
На свеченоста со Медал за храброст ги одликуваше Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева.