Основното јавно обвинителство Кавадарци донесе наредба за спроведување истражна постапка против 51 годишен жител од Неготино за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешка телесна повреда од член 131 став 3 од Кривичниот законик. Осомничениот извршил насилство и нанесол тешка телесна повреда против жена со која претходно живеел во вонбрачна заедница.
– На 2 август, по вербална расправија, осомничениот извршил семејно насилство врз жена со која претходно повеќе години живеел во вонбрачна заедница. Тој повеќе пати ја удирал со бокс во главата, а потоа ја турнал кон туш кабината во бањата. Оштетената паднала и се здобила со тешка телесна повреда од која западнала во коматозна состојба. По интервенција во Општа болница – Кавадарци, таа била итно пренесена на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза” во Скопје, информираат од ЈО.
Оттаму велат дека надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднесол предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи оцени дека постои опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон.