Кажав дека Гордана Силјановска Давкова на 5 мај може да изгуби заедно со народот само со тежок фалсификат или изборен инженеринг, тоа и се случи. Денеска имаше нерегуларности, уцени, закани, притисоци, веројатно и брзи прсти и индиции за поткуп. Ова не се европските вредности, ниту македонски зашто граѓаните не се такви, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-Ова не го кажувам за да барам алиби, туку зашто е вистината за реалноста во Македонија. Не давам ветувања кои не можам да ги исполнам и кажувам – оваа власт е свесна дека е веќе минато и ќе падне. Македонија заедно со народот, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија ќе успее. Ќе ги поразиме заедно со чесниот и домаќински народ. Колку лажно да се прикажуваат дека победиле знаат дека е ова лош резултат за нив кој е последица на бескрупулозното пазарење. Знаеме што се е ветено за ова денеска да се случи. Ова ќе им тежи и на Зоран Заев и на Стево Пендаровски. Македонија се буди во нова општествена реалност која значи делегитимирана власт, рече Мицкоски во говорот по завршувањето на изборниот процес за избор на нов претседател на државата
Оваа власт, додаде, е свесна дека е веќе минато и дека ќе падне.
-Зоран Заев и Стево Пендаровски знаат што ги чека и што ќе им тежи од денеска па натаму, затоа што од денеска им почнува вистински политички пекол што ќе го предвои ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка сила во Република Македонија. Пендаровски вели слушајте го врховниот командант. Јас велам слушајте го народот. Реалноста значи победа на ВМРО-ДПМНЕ во најголем број општини. Во голем број на случаи каде победивме во првиот круг, сега победивме со уште поубедлива разлика. Ако имаше парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ќе освоеше најголем број на пратеници. Реалноста е дека ВМРО-ДПМНЕ е повторно најголемата политичка сила во Република Македонија, потенцира Мицкоски.
Тој посочи дека и покрај сите работи што и ги правеше власта на опозициската партијата, посветено работеле и заедно со професорката Гордана Силјановска Давкова дошле до близу 380.000 гласови.
-ВМРО-ДПМНЕ, Гордана и народот беа од една страна против хотел коалицијата од 31 партија, но и дел од верските лидери кои директно или индиректно, недозволиво за секуларна држава, дадоа поддршка на Заев и Пендаровски. Ќе продолжиме да работиме со два мотива – поголема мотивација и поголема енергија за на следните избори да освоиме близу половина милион гласови, посочи Мицкоски.