Издавачката куќа „Или-или” вечер од 21 часот во „Менада” ќе ја промовира новата книга на Лидија Димковска – „Кога заминав од Карл Либкнехт” – збрика со раскази замислена како 27 исповеди на луѓе од различни страни на светот чиј живот на некој начин бил поврзан со името на Карл Либкнехт, поточно со адресата врзана со неговото име.
Книгата ќе ја промовираат Елизабета Шелева и Александра Јуруковска, која во освртот наведува дека секоја приказна е микросвет сам за себе, а сепак сите заедно се една поголема, компакнта целина.
-Секој од расказите е мининовела, роман, па и материјал за филм со сите нишани. Јасна слика, атмосфера што лесно може да се почувствува. Звуци, мириси, бои што од приказните лесно се префрлуваат на читателот. Тоа е мајсторството на Димковска, тоа е магијата на нејзиното писмо, пишува книжевната критичарка Јуруковска.
Пет од расказите во книгата како целина го добија специјалното признание „Европско културно наследство” во рамки на конкурсот за расказ „Европски приказни” наменет за добитниците на Наградата на Европската Унија за литература, која Димковска ја доби во 2013 година.
Лидија Димковска (Скопје, 1971) објавила шест поетски збирки и три романи – „Резервен живот”, „Скриена камера” и „Но-Уи”. Таа е и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. За своите два романа „Скриена камера” (2004) и „Резервен живот” (2012) ја доби наградата за проза „Стале Попов” на Друштвото на писателите на Македонија, а за „Резервен живот” и наградата на ЕУ за литература. Учествувала на голем број меѓународни книжевни средби и читања и престојувала на многу книжевни резиденции низ светот.