Министерот за финансии Драган Тевдовски, во рамки на делегацијата предводена од претседателот на Владата Зоран Заев, ќе учествува на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) што ќе се одржат од 7 до 9-ти мај во Сараево, Босна и Херцеговина.
Како што соопшти Министерството за финансии, Тевдовски ќе се обрати на панелот за инвестициски можности во регионот, каде ќе зборува за потенцијалите за инвестирање во нашата земја. Ќе има средби и со првиот потпретседател на ЕБОР Јирген Ригтеринг и Сузан Горансон, директорката на ЕБОР за проекти од општинска инфраструктура и животна средина.
Во рамки на средбите Тевдовски ќе има прилика да оствари средби и со повеќе министри за финансии од регионот, како и со инвеститори.
Годишните средби на Европската банка за обнова и развој се одлична можност да се сврти вниманието кон потенцијалите за инвестирање во земјава, како и да се зборува за тековни и идни проекти кои ги финансира Банката. Главна тема на годинешните средби ќе биде „Поврзување на економиите за посилен раст”.
Министерот Тевдовски денеска, заедно со премиерот Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев во Скопје ќе оствари средба со претседателот на ЕБОР Сума Чакрабарти, кој е во посета на земјава.