Директорката за ЕУ во хрватското министерство за надворешни работи, Зринка Ујевиќ, во интервју за МИА говори за тоа како нејзината земја се подготвуваше за процесот на преговори со Европската Унија и какви промени овој процес носи за целото општество.
Процесот на зачленување и преговорите со Европската Унија се процес што, иако не носи веднаш видливи промени за граѓаните, влева значајна доза на оптимизам во општеството, која не треба да се потцени, објаснува за МИА Зринка Ујевиќ.
-Што се однесува до процесот на преговори, можам да кажам дека почувствувавме промени, посебно во однос на клучните поглавја 23 и 24, реформата на правосудството, измени на уставот, итн. Во крајна линија тоа беше резултат и на тој нов начин на преговарање кој тоа го бара од сите кандидати. Без тоа нема да може да има натамошно проширување. Преговорите носат и атмосфера, оптимизам, пат кон оптимизам кој им вели на граѓаните дека одиме кон нешто подобро, вели Ујевиќ.
Но, тој пат подразбира и макотрпна и посветена работа не само на државната администрација туку на сите чинители во општеството. Основа на процесот, се разбира, е преговарачката структура. За Хрватска, вели Ујевиќ од исклучителна важност била таа да биде максимално инклузивна.
-Кога ја носевме одлуката за формирањето на тимот за преговори сакавме да бидеме отворени и инклузивни во тој процес. Затоа нашата преговарачка структура имаше неколку нивоа. Имаше државна делегација на чие чело се разбира беше министерот за надворешни работи, а неговиот заменик беше главниот преговарач, тој имаше двајца заменици и под нив беа работните групи. Самиот преговарачки тим беше составен од главниот преговарач и 13 преговарачи од кои двајца беа заменици, имавме секретаријат на работните групи, и клучна улога во нашиот случај имаше нашата мисија во Брисел, а шефот на мисијата исто беше дел од преговарачката група.
Со 35 работни групи, 13 преговарачи и вкупно 1.500 членови на преговарачката структура, меѓу кои не биле само функционери, туку и членови на академската заедница, трговските друштва, невладиниот сектор, итн., активни уште од самиот процес на скрининг, Хрватска сакала да им стави на знаење на сите чинители од самиот почеток како ќе изгледа тој процес на трансформација за сите нив.
-Сакавме да ги прошириме тие работни групи за во воведниот дел, кога почна скринингот, што повеќе од луѓето кои би биле подоцна вклучени во преговорите имаат удел во скрининг процесот кога се објаснува што е преговарачкиот процес, кои се обврските, што нѐ чека. И тоа го искористивме за голем дел од нашата преговарачка структура да има прилика тоа да го научи директно од Европската Комисија која го спроведуваше скринингот, објаснува хрватската помошничка МНР.
-Како што поминуваше времето, најголем акцент се ставаше на оние кои доаѓаа од државната администрација затоа што обврските подоцна се во најголем дел на нив. Сите други кои беа во работните групи беа повеќе поддршка и се користеа за запознавање на поширокиот дел од општеството што се тоа преговори, додава Ујевиќ.
Критичен елемент за хрватскиот успех во преговорите со ЕУ, објаснува Ујевиќ, е и конструктивната улога на опозицијата и плодниот однос помеѓу сите партии, посветени на интеграцијата во Европската Унија.
-Имавме консензус дека Хрватска треба брзо да напредува во пристапните преговори, бевме свесни за промените во меѓународните односи, предизвиците, сето она што подоцна видовме дека се случи, свесни бевме дека времето треба за нас да работи, и за тоа покрај квалитетот ни беше страшно важно времето, вели директорката за ЕУ.
За разлика од Северна Македонија, Хрватска не се соочувала со крупни предизвици за партизираност на јавната администрација, што, заедно со соработката со опозицијата, значајно го олеснил тој тежок и сложен процес. И, како што додава Ујевиќ, земјата кандидат која преговара, не треба да заборави дека во тој процес “најдобар пријател” и е Европската Комисија, колку и да таа се чини некогаш престрога.
Конечно, Ујевиќ ја прашавме и за улогата на хрватското претседателство со ЕУ кое започнува на 1 јануари 2020 и ќе трае шест месеци токму кога Македонија се надева да го отвори првото поглавје со Унијата.
-Во овој момент на големи предизвици внатрешни, проширувањето не е во фокус но тоа не значи дека е мртво и не значи дека нема земји членки кои го поддржуваат и кои ќе инсистираат да помине, а меѓу нив е и Хрватска. Проширувањето во моментов е запоставено прашање поради други предизвици во ЕУ, имаме други проблеми кои доминираат во агендата, но тоа не значи дека е готово. И натаму ќе биде во нашиот фокус кога ние ќе претседаваме со ЕУ, ќе биде приоритет високо на агендата. Има низа земји членки кои го делат ова мислење, она што треба да се случи е расправа за тоа. А расправата ќе се случи откако Европската Комисија ќе ги објави своите документи.
Целосното интервју со Зринка Ујевиќ можете да го прочитате во текот на денот.