Книгата „На Скопје, со љубов! – Архитектонската мисла на Живко Поповски“ утревечер, 13.11, 2017, ќе биде промовирана во Музејот на Град Скопје.
Книгата е приредена од Анета Христова – Поповска и Мери Батакоја, а во издание на Приватен принт Скопје. За книгата, а и за делото на Живко Поповски ќе зборуваат академик Влада Урошевиќ, проф. архитект Мартин Гулевски и поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов.
Издавачот наведува дека книгата преставуваа комплетна збирка на текстови, колумни и интервјуа кои архитектот Поповски ги напишал и објавил во текот на својот живот, надополнета со авторски цртежи и два воведни текста од приредувачките.
– „На Скопје, со љубов!“ е прва книга која во фокус го става интелектуалниот ангажман на архитектот Живко Поповски. Збирката на текстови во книгата не се држи само во рамките на архитектонското, туку оди подалеку, гледајќи го градот во културолошки релации, а тоа ја прави исклучително важна за пошироката публика. Преку овие текстови архитектот Живко Поповски ни се открива и како свесен и критичен граѓанин, кој интелектуално го промислува градот во којшто живее. Во нив, тој недвосмислено ни ја предава и сета своја љубов за Скопје, се наведува за книгата.
Истражувачкиот дел на проектот е реализиран со академска поддршка на Архитектонскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје и техничко-финансиска поддршка на Арт проект лаб – Скопје и Град Скопје.