Михаил Горбачов, последниот советски лидер, беше шокиран и збунет од војната во Украина во месеците пред да почине, а во последниве години психолошки уништен од влошените врски на Москва со Киев, изјави денеска неговиот преведувач Павел Палажченко, кој работеше со покојниот советски претседател 37 години и беше со него на бројни американско-советски самити.
Тој разговарал со Горбачов по телефон пред неколку недели, истакнувајќи дека тој и другите биле изненадени од тоа колку Горбачов бил трауматизиран од настаните во Украина.
„Не само (специјалната воена) операција што започна на 24 февруари, туку и целата еволуција на односите меѓу Русија и Украина во изминатите години беше навистина голем удар за него“ , вели Палажченко во интервју за „Ројтерс“.
„Во разговорите со него ни беше многу јасно дека е шокиран и збунет од она што се случува (откако руските трупи влегоа во Украина во февруари) од различни причини. Тој веруваше не само во блискоста на рускиот и украинскиот народ“ – додаде тој.
Палажченко (73) кој работи во „Фондацијата Горбачов“, го видел експретседателот Горбачов во последните неколку месеци од неговиот живот и е во контакт со неговата ќерка Ирина.