Во рамки на одбележувањето на 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство, Народната банка е домаќин на дебата – В/редности и вредности, чија цел е преку три одделни панел дискусии да овозможи платформа за споделување на видувања и искуства за мерливоста на вредностите од повеќе сегменти од општественото живеење: економијата која е значајна за сите, културата која не надградува и науката која ја одредува иднината. Јавните дебати се одвиваат во Музејот на Народната банка, во рамки на поставката на отворената изложбата, на која се изложени историските и културни вредности преточени на македонските пари.
Вчера беше одржан првиот панел: „Мерливоста на вредностите: економски визури”, посветен на изградените вредности во процесот на монетарното осамостојување, утврдените цели и идни перспективи, како и на неопходните мерки за нивно зачувување кои се одговор на тековните предизвици.
Отворајќи ја дебатата, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека со одржување на макро-финансиската стабилност и со независната и силна централна банка воспоставени уште во иницијалниот бран на транзицијата, поставени се темелните вредности во економијата. „Стабилен денар, стабилни цени и стабилен банкарски систем, изградена свесност и на граѓаните и на носителите на политиките за важноста на таа стабилност за нацијата и државата, за актуелните и идните поколенија. Тоа се дел од најважните вредности коишто Народната банка ги вгради во нашата економија” потенцира Гувернерката, додавајќи дека „ Народната банка во тоа успеа заради принципите на однесување, одлучување и вреднување коишто се и нејзини институционални вредности – целосна посветеност, независност, професионализам, како и заради стандардите што одговорно ги инкорпорира во своето работење.”
Ангеловска-Бежоска се осврна на макроекономската стабилност која е основа за раст, на која влијание имаат не само монетарните, туку и структурните фактори. Притоа, подвлече, дека се неопходни сериозни промени во структурни сегменти како што се доброто владеење, владеењето на правото, во квантитетот и квалитетот на човечкиот потенцијал, во спречување на демографското опаѓање. „ Силните шокови со кои во изминативе неколку години се соочува светот, вклучително и нашава економија, уште повеќе на површина ги исфрлаат структурните слабости и критичната потреба за реформирање и зголемување на потенцијалот на економијата.” оцени Бежоска, дополнувајќи дека „предизвикот за стабилизација на инфлацијата на носителите на политиките е огромен. Како и останатите централни банки, остануваме доследни на примарниот мандат којшто го имаме, а тоа е одржување на среднорочната ценовната стабилност со сите расположливи инструменти.” Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска потсети на историската одговорност на институциите – „какви вредности ќе афирмираме и создадеме со нашите сегашни одлуки, колку во нив ќе го вградиме стекнатото искуство и научените лекции од минатото, но и колку ќе демонстрираме јасна визија за иднината.”
За главните предизвици и вредностите на носителите на економските политики на почетокот на воспоставувањето на монетарната самостојност и на пазарно ориентиран систем, како и за видувањата за мерките за справување со тековните предизвици, во контекст на забрзаниот раст на инфлацијата и забавувањето на светскиот раст, пред присутните дебатираа панелистите академици Таки Фити и Абдулменаф Беџети, поранешниот министер за финансии и поранешен член на Советот на Народна банка, Џевдет Хајредини, неизвршниот член на Советот на Народната банка, универзитетски професор и поранешен министер за финансии, Никола Поповски и универзитетската професорка при Економскиот институт при УКИМ-Скопје, Силвана Мојсовска.
Панелистите се осврнаа на одржувањето на економските вредности, како и на придонесот од Народната банка, која како што истакнаа е столб за соочување и сузбивање на инфлацијата преку примена на соодветни алатки и мерки.
Во таа насока дебатираше и академик Таки Фити истакнувајќи дека „Народната банка денес е најкредибилна економско – финансиска институција во земјата. Својот висок кредибилитет таа го стекна со одржување на ниски стапки на инфлација во целиот период по осамостојувањето на земјата, со одржување на стабилен девизен курс, со воспоставувањето на модерна регулација на банкарскиот систем, со спроведување на прудентна монетарна политика и со остварување на добра координација со фискалната политика.” Академик Фити додаде „НБРМ успешно го бранеше и го одбрани фиксниот девизен курс на денарот дури и во епизоди на сериозни кризни нарушувања, верувам, така ќе биде и успешно ќе се преброди и актуелнава криза.” Тој се осврна и на поддршката од меѓународните финансиски институции, образложувајќи дека „благодарение на аранжманите со овие институции се извршија бројни реформи на патот кон изградба на пазарна економија, успешно завршените аранжмани го јакнеа кредибилитетот на земјата и кај приватните инвеститори и особено е значајно што низ овие аранжмани, стекнавме драгоцено искуство за добра, координација на клучните политики – монетарната и фискалната.”
Потребата од содејство на монетарната политика со фискалната политика и задржување на создадените вредности на економијата, беа аспекти во дискусијата на проф. д-р Никола Поповски. Притоа, потенцира „Тоа што е многу важно за монетарната самостојност е дека таа кај нас се поклопи со две антиинфлациски програми. Антиинфлациските програми во тоа време се исто толку важни како монетарното осамостојување, бидејќи го одржаа денарот стабилен. Базично го фиксиравме курсот на денарот за марката, а потоа за еврото, заедно со релативно рестриктивна фискална политика.”
На дебатата стана збор и за потребата од поддршка на економските политики за поодржлив раст и развој, без да се ризикува макроекономската стабилност и стабилноста на финансискиот сектор кои се нивни основни предуслови. За академик Абдулменаф Беџети, денешните околности и предизвици кои се надвор од можноста за наше влијание, како никогаш до сега ја наметнува потребата од дневна координација и хармонизација на носителите на политики. Беџети го поздрави досегашното работење на Народната банка и мерките кои успешно ги презема за одржување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс, како најсоодветни предуслови за домашната економија. Потсетувајќи и на кризните шокови во минатото, академик Беџети посочи дека „не е време за комоција на ниту една институција, ниту пак на бизнис заедница, а уште помалку на професионалната и академската заедница. Сите потенцијали, знаења и сили треба да се во насока на надминување на овој крајно тежок и предизвикувачки период.”
Говорејќи за вредностите во економијата, д-р Мојсова ги истакна конзистентноста во работењето и одговорноста, кои треба да се одлики на сите креатори на политиките. За вредностите низ призмата на економските циклуси, др. Силвана Мојсова ја потенцира нивната варијабилност во насока на експанзија и контракции. „Тековната фаза на контракција и актуелните случувања во светот поврзани со енергетската криза, неповолните промени на пазарот на храна, руската инвазија во Украина кои резултираат во негативни економски движења,” истакна Мојсова, „води кон ефект на спирала и промена на вредностите, како во монетарна смисла, така и во поширок контекст.”
За потребата од структурни реформи, особено во контекст на мерките во енергетската политика се осврна Џевдет Хајредини, кој истакна дека прашањето за решавање на потребата од електрична енергија за наминување на кризата преку вложувања во енергетските капацитети со користење на современата технологија, треба да има приоритет потенцирајќи дека „со оглед дека немаме можност да градиме од темел големи енергетски капацитети, треба да ги модернизираме постојните.”
Под модераторство на новинарот и аналитичар Мирче Јовановски, на панелот посветен на економските вредности и предизвиците со кои се соочува економијата денеска, се отвори плодна дискусијата за предизвиците од влијанието на енергетската криза, потребата од консензус на сите релевантни чинители за економската стабилност.
Во рамки на Јавната дебата „В/редности и вредности, на 5 септември ќе се одржат преостанатите два панела. Со почеток во 11 часот, на панелот насловен „Мерливоста на вредностите: интеракции”, еминентни лица од културата ќе дискутираат за вредностите создавани од уметниците и ставање на овие вредности во општествениот контекст како средства за акција и канали за комуникација. Третиот панел насловен „Мерливоста на вредностите: комплементарности и спротивности” ќе започне во 13:30 часот и е платформа на која меѓународно признати професионалци од областа на природните науки ќе дебатираат за вредностите од науката и значењето на индивидуалното знаење во одржување на вредностите во општеството.
Панелите можат да се проследат на Фејсбук и Јутјуб каналот на Народната банка на Република Северна Македонија.