Премиерот Димитар Ковачевски вчера одговори на барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за телевизиски дуел или средба со него за, како што вели, да го презентира неговиот концепт „за ублажување на последиците од енергетската криза и спас на работни места”. Ковачевски на Мицкоски му порача дека оваа тешка зима и економско-енергетска криза ќе се пребродат само доколку „сите сме насочени кон изнаоѓање на решенија кои ќе обезбедат енергенси, струја и храна за граѓаните и дека не е време за политички поени и лицитации, покани за дуели и средби, туку е време за работа, за заедништво и за креирање на политики за добробит на сите граѓани”.
– Во врска со понудите кои ВМРО-ДПМНЕ ги споменуваат деновиве во медиумите, со оглед на ургентноста, верувам дека веќе и ги имаат доставено до ЕСМ како што побара и предочи директорот на компанијата, со оглед на фактот дека тоа е институционалната процедура по која државата може да постапи, изјави вчера Ковачевски за МИА.
Премиерот потенцира дека економските политики се креираат институционално во Владата, на Економскиот совет и со учество на сите засегнати страни и одлуките пак се носат на владини комисии и седница, а не на партиски штабови и со помош на партиски структури.
– Економскиот совет во проширен состав, е формиран во рамки на Владата, со цел во кризни времиња, во широка консултација, да се донесат сеопфатни и издржани одлуки во интерес на граѓаните. На овој Економски совет секогаш и во време на корона кризата, покана имале сите чинители, претставници на опозицијата, стопанските комори, претседателот на ЗЕЛС, професори од академската заедница, со единствена намера да се креираат најдобрите решенија за економската иднина на државата, потенцира премиерот Ковечевски.
Тој додаде дека на последниот Економски совет во проширен состав, покана била испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но ниту еден претставник од оваа партија не се појавил на седницата.
– Поканата за нив останува отворена и за следниот Економски совет кој ќе се одржи оваа среда во 12 часот. Владата е отворена и тие се секако добредојдени да ги презентираат решенијата кои ги имаат, истакна премиерот Ковачевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски изминатава недела во неколку наврати изјави дека има контакти со компании од кои може да се набават енергенси по пониски цени и дека има план за справување со енергетската криза, кој е „можност да се обезбеди стабилно производство на електрична енергија за домаќинствата и за индустријата, но исто така и за затоплување на објектите и домовите кои се корисници на централното греење во Скопје”.
Според Мицкоски, со тој план државата би заштедила 300 милиони евра, би се овозможило поголемо домашно производство на електрична енергија, поголем Бруто домашен производ и не би имало зголемување на сметките за затоплување и за струја.
Тој вчера во објава на неговиот Фејсбук профил наведе дека нуди концепт не само за оваа есен и зима, туку и за следната година.
– Од сето ова политички поени не ме интересираат кога цената е иднината на Македонија и илјадници луѓе чии работни места се под знак прашање. Сакам вистински да се помогне, затоа што работите се пресериозни и поважни од суетата на кој било член на Владата, наведе Мицкоски.
Тој во објавата додава и дека побарал средба со премиерот Ковачевски за „да го презентира концептот за ублажување на последиците од енергетската криза и спас на работни места” и го повикал на дебата на тема енергетика/економија на медиум кој сам ќе го одбере, но дека неговите барања биле одбиени, па затоа го покани вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи да дојде денеска на состанок во 12 часот во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, со цел детално да му го објасни неговиот план и концепт.
На ваквата „Фејсбук покана” на Мицкоски, вицепремиерот Битиќи, исто така, одговори преку својот профил на оваа социјална мрежа, посочувајќи дека нема потреба од разговор во четири очи, зад затворени врати.
– Комплексноста на оваа криза од нас бара да се кренеме над себе, бидејќи солидарност, одговорност и колективна мудрост е она што ќе не изнесе низ неа, напиша Битиќи.
Тој посочува дека за в среда е закажан Економски совет во широк формат, на кој се отворени вратите за опозицијата.
– Граѓаните знаат дека јавно веќе скоро три години ги повикувам на соработка и одговорност, со цел справување со кризата. Еве, повторно, вратите се отворени, решенијата секогаш се наоѓаат на маса на која сите седиме заедно, објави на својот Фејсбук профил вицепремиерот Битиќи.
Министерот за економија Крешник Бектеши, во петокот од собраниска говорница го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ јавно да ги соопшти контактите за набавка на поевтини енергенси и да каже за кои компании се работи, за какви понуди и по кои цени или ако не сака тоа да го стори, да ги достави до Министерството за економија в понеделник, а тој потоа лично, како што рече, ќе ги објави и ќе ги однесе во АД ЕСМ.
– Ние ги прифаќаме најдобрите понуди за набавка на енергенси за да имаме пониски цени. Зборувате за контакти. Објавете ги, јас лично ако треба ќе му се јавам на Мицкоски. Ако не сака да ги објави, нека ги достави до мене, јас ќе ги објавам. Ние сме подготвени да разговараме со секого, вклучително и со Мицкоски за да ја надминеме кризата што полесно, со сите компании, државни или локални. Би апелирал, јавноста и медиумите транспартентно да бидат известени, контактите на ВМРО-ДПМНЕ или понудите треба да се обзнанат, да се знае од каде доаѓаат, каква цена имаат. Потсетувам дека ЕСМ има законска обврска да ја избере најевтината понуда, додаде Бектеши на пленарната седница на која беа усвоени предлог-одлуките за продолжување на кризната состојба во енергетиката на ниво на државата и во однос на топлинската енергија на ниво на Град Скопје.
И генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски во петокот порача дека секоја понуда во насока на надминување на актуелната криза е добредојдена и затоа сите понуди од компании кои по препорака на Мицкоски ќе стигнат до ЕСМ во официјална форма, согласно Законот за јавни набавки на енергенси, веднаш ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за јавни набавки на компанијата.
– Мицкоски изјави дека тој и неговата партија имаат контакти и индикативни понуди од компании за набавка на мазут и природен гас со кои што државата ќе заштеди 300 милиони евра. Затоа, ја користам оваа прилика јавно да го повикам Мицкоски да ги информира сите тие компании од кои има индикативни понуди, а кои биле со важност од една недела, во текот на следните неколку денови, но не подоцна од среда, да ги комплетираат понудите и да ги достават до АД ЕСМ, изјави Васко Ковачевски.
Во врска со барањата на Мицкоски вчера се огласи и СДСМ, оценувајќи дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нема искрена намера што се гледа од фактот дека иако на седниците на Економскиот совет секогаш се канат претставници на опозициската партија тие не доаѓаат.
– Економските политики се креираат институционално, во Владата, на Економскиот совет, со учество на сите засегнати страни и таму е местото за носење на одлуките. Белата палата не е место за решавање, туку за создавање проблеми, оваа зграда е синоним за корупција и криминал, олицетворение на криминал од каде произлегуваат сите блокади на штета на државата, се наведува во сопштението на СДСМ.