Кабинет на Меркел: Сакаме да дадеме нов поттик на дијалогот меѓу Белград и Приштина

Германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Франција Емануел Макрон сакаат да дадат нов поттик во процесот на нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, порачаа од кабинетот на Меркел.

На прашање на подгоричкиот весник „Побједа” дали тоа што Германија и Франција директно се вклучија во решавањето на проблемот со Косово значи дека овие земји не се задоволни од ефектот на Европската унија, портпарол на Германската федерална влада кажа дека двете земји го поддржуваат продолжувањето на дијалогот.

-Германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот Емануел Макрон изразија целосна поддршка на дијалогот за нормализација меѓу Србија и Косово и сакаат да му дадат нов поттик на процесот кој се одвива под покровителство на ЕУ, соопштија за „Побједа” од германската влада.

Синоќа, српскиот претседател Александар Вучиќ, гостувајќи на РТС изјави дека „додека е тој претседател, никогаш нема да го признае Косово, во овие граници”, додавајќи дека „може само да го убијат, но признавање нема да има.”

Тој кажа дека Германија од почеток имала негативен став во поглед на идејата за разграничување.

– Се случува замрзнат конфликт, што е еуфемизам за најлошата ситуација за нас. Зошто зборувам на вака остар начин? Сакам да ги разбудам луѓето. Пробав нешто што е тешко, но најдобро за нас. Не успеав, бидејќи сите рекоа дека тоа решение не е добро, а тие дури и не го слушнаа. Бев изложен на најбрутална кампања, а никој не го ни слушна, рече претседателот на Србија и повтори дека неговата компромисна идеја била отфрлена, а на прашањето што точно мислел под разграничување, тој рече – да се воспостави праведна и правична граница меѓу Србите и Албанците.

Како што најавија од кабинетот на српскиот претседател, тој денеска патува за Италија, каде ќе се состане со потпретседателот на италијанската Влада и министер за внатрешни работи Матео Салвини. Салвини, инаку, се залага за преиспитување на признавањето на косовската независност. По овој состанок, Вучиќ патува за Тирана, на Самитот на процесот Брдо-Бриони, каде меѓу останатото ќе има средба и со Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини.

Треба да знаете
Последни објави