Верувам во процесот на преговорите или прифаќањето на амандманите од страна на опозицијата затоа што се работи за врвни професионалци како од страна на Владата, така и од страна на опозицијата, со исклучок на некои личности поврзани со нашите предмети кои веќе не се во преговорите.
Ова го изјави специјалниот јавен обвинител Катица Јанева во однос на денешните разговори за новиот закон за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО.
– Лично мислам дека законот секогаш може подобро да биде формулиран, рече Јанева, додавајќи дека во суштина надминати се разликите за тоа што ќе работи СЈО, рече Јанева.
Во однос на предметите на кои ќе работи СЈО, Јанева најави дека треба да се почека конечното решение со новиот закон за јавно обвинителство.
– Верувам дека ќе биде поволно врз основа на тоа што неофицијално сум го слушнала, немам официјални информации, изјави Јанева пред почетокот на денешната конференција „Напредок во борбата против организираниот криминал и корупција во пресрет на извештајот на Европската комисија”.
Изрази задоволство од тоа што прислушуваните разговори, како што рече, нема да бидат слушани, но ќе има простор да бидат анализирани од судот, а ќе бидат и дел од доказите ако има предмети во судот.
СЈО, најави Јанева, работи на предистражни и истражни постапки кои се во нивна надлежност, но отворени се и повеќе нови предистражни постапки во однос на преостанатите разговори.
Таа потенцира дека се очекува да се донесе новиот закон за јавно обвинителство по што СЈО ќе се насочи понатаму со останати предмети.
Прашана за кумановските настани, односно Диво Насеље, Јанева информира дека СЈО има некои индиции, но се уште нема најдено разговори за да може да воспостави надлежност врз тој предмет.
– Има некои индиции, се работи предистрагата, но ќе биде многу тешко да се каже дали воопшто ќе биде преземен тој предмет, изјави специјалната обвинителка Јанева.
Во однос на етапниот избор на јавни обвинители за СЈО согласно новиот закон, Јанева посочи дека тоа ќе биде во ингеренција на Советот на јавни обвинители. Сепак, изрази надеж дека целиот нејзин тим ќе продолжи да работи уште еден мандат.
На барање на новинарите да го коментира вонредниот правен лек доставен во Врховниот суд за предметот „Тенк” на Никола Груевски, Јанева изрази надеж дека предметот нема да биде укинат, бидејќи, нагласи, е предмет во кој има доволно докази за сторено кривично дело за кое лицата се осудени. Сепак, истакна дека не може да се меша и да ја прејудицира одлуката на Врховниот суд.
Што се однесува до барањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за ревизија на работењето на СЈО, вклучувајќи го и финансискиот дел, Јанева кажа дека ревизија може да прави само судот и Советот на јавни обвинители, а за финансиските прашања СЈО е секогаш транспарентно.
За предлогот на власта Комисија да одлучува за предметите на СЈО после 30 јуни 2017 година, Јанева смета дека треба да има некое преодно решение.
– Мислам дека не треба да има такво тело од тројца обвинители, но сметам оти и тие ќе бидат свесни дека ќе треба најбргу што може да ги анализираат тие процеси, изјави меѓу другото специјалната обвинителка Катица Јанева.