Договор за соработка потпишаа денеска новинските агенции на Северна Македонија и на Грција, МИА и АНА-МПА со цел да ја унапредат соработката меѓу двата медиума во сите сфери од заеднички интерес, со акцент на заедничката борба против лажни вести.
Договорот го потпишаа директорите на МИА и АНА-МПА, Драган Антоновски и Михалис Псилос, а на потпишувањето присуствуваше и заменик-директорот на МИА, Халид Ајдини.
-По позитивниот развој на настани на односите меѓу двете земји, односно по постигнувањето на Договорот од Преспа се продлабочува соработката меѓу двете држави и сега дојде време за двете национални новински агенции и тие да преземат иницијатива за приближување на двете држави, да го зајакнат уште повеќе пријателството и да покажеме дека преку соработка и пријателство може да се решат проблеми, кои досега беа нерешливи, изјави директорот на АНА-МПА, Псилос, по потпишувањето на Договорот.
Антоновски потсети дека МИА и АНА-МПА со години соработуваат, но оти со овој Договор денеска тоа само се потврдува и се отвораат можности за нови форми на соработка и за реализација на повеќе заеднички проекти.
-Нашата цел е иста – проверени и точни информации и професионални стандарди. Сметаме дека иднината е токму во агенциското новинарство, поради тоа што во новата провокација на постојано продуцирање на фејк вести агенциите се дефинитивно изворот каде ги имате проверените вести, рече Антоновски и додаде задачата на агенциите е да работат во интерес на јавноста и да ги елиминираат предрасудите и стереотипите.