Обезбеден гас за првата половина од месецов, од јануари набавка од повеќе извори

АД ЕСМ од „Макпетрол” обезбеди природен гас за првата половина од месецов за топланите „Исток” и „Запад” и за цел месец за КОГЕЛ во подружница „Енергетика”. Не е извршена набавка за ТЕ-ТО која за ноември обезбедила гас за својот режим на работа, но треба да влезе во системот за топлинска енергија за град Скопје.-АД ЕСМ ќе набави природен гас од „Макпетрол” за топланите „Исток” и „Запад” за периодот од 1 до 15 ноември и за КОГЕЛ во подружница „Енергетика” за периодот 1 до 30 ноември. Со оглед на тоа што приватната гасна електрана ТЕ-ТО има обезбедено гас за својот режим на работа за ноември, за неа не е извршена набавка од АД ЕСМ. Фирмата ПГО извести дека не е во можност да почне да испорачува од 1 ноември, туку од 15 ноември, што дополнително ќе подлежи на нова понуда. Со овој понудувач ќе биде потребно да се комплетира и комуникацијата во однос на останатите документи кои се побаруваат пред склучување на договор, соопшти вчера АД ЕСМ.

Од ЕСМ велат дека набавката на природен гас за пократок временски период е направена од причина што се бележи пад на цените на природниот гас на берзите и очекувањата се дека ќе се обезбедат поповолни услови, пред се, финансиски, доколку се набавува сукцесивно за последователни покуси периоди.

За понатамошниот период ќе се побараат нови понуди од заинтересираните фирми за снабдување, и тоа за топланите „Исток” и „Запад”, за КОГЕЛ во „Енергетика” и за евентуално ангажирање на приватната гасна електрана ТЕ-ТО од страна на АД ЕСМ.

Според најавите, во следните денови, ЕСМ Дистрибуција на топлина ќе потпише и договор со ТЕ-ТО за ноември за преземање на топлинската енергија од оваа електрана, која ќе треба да влезе во системот на топлинска енергија за градот Скопје.

– АД ЕСМ веќе ја информира јавноста дека алтернативно гориво за топланите е дизел горивото, за кое капацитетите технички и технолошки се подготвуваат да го користат и е полесно достапно за набавка. АД ЕСМ со своите друштва за топлинска енергија непрекинато испорачува греење за градот Скопје и така ќе продолжи и во следниот период, соопшти АД ЕСМ.

Претходно, министерот за економија Крешник Бектеши објави дека е склучен договор од страна на ЕСМ за набавка на природен гас за топланите, како и дека дополнително ќе работи и ТЕ-ТО која ќе покрива 60-70 проценти од потребите на топлинската енергија.

-Пропаднаа во вода кажувањата на одредени енергетски екссперти дека требаше уште пред два-три месеца да направиме договори кога цената на природниот гас беше од 3000 до 4000 евра за нормален метар кубен, изјави Бектеши, и дополни дека цените по е направена набавката на природен гас се двојно пониски од овие што ги кажувале експертите.

Од 1 јануари следната година земјава ќе може да се снабдува од повеќе извори на гас преку Бугарија, откако вчера ГА-МА АД и Буглартрансгаз ЕАД потпишаа Договор за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на интерконективната точка Ќустендил-Жидилово. Со договорот се постигнува либерализација на пазарот на природен гас во државава, а преку Бугарија ќе добиваме 500 илјади кубни метри гас дневно.

-Потпишувањето на договорот е од големо значење бидејќи отвора можност за зголемување на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, како и ослободување дополнителни капацитети за користење од повеќе снабдувачи и диверсификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни на пазарот на природен гас во Република Бугарија, оцени министерот Бектеши.

Како што нагласи извршниот директор на Булгартрансгаз Владимир Малинов, документот е резултат на долгогодишна работа и се потпишува во време кога Северна Македонија ќе има можност да ги диверзифицира изворите и добавувачите на природен гас.

-Тие ќе можат да испорачуваат течен природен гас и да го користат нашето складиште во Чирен. Ќе се користи постојната инфраструктура и според потпишаниот документ во Северна Македонија ќе се пренесуваат 500.000 кубни метри природен гас дневно, информираше Малинов.

Со договорот се регулира зголемување на притисокот на компресорската станица.Техничкиот капацитет на точка на испорака ќе биде 3.044.000 нормални кубни метри, што значи дека техничкиот капацитет ќе се зголеми за 500.000 нормални кубни метри со можност за ослободување на дополнителни неискористени сегашни капацитети.

Со договорот исто така се менува методологијата за пресметка на количината на гас и начинот на определување на квалитетот на гасот и негова анализа и редовна проверка, односно мерењето на енергијата ќе се пресметува во киловат часови наместо досегашните стандардни кубни метри на референтна температура од 20 степени Целзиусови.

Опсегот на дозволениот состав на гасот се зголемува со што се овозможува увоз на гас од различни извори. Минимално/максимално дозволените вредности на составот на гасот се изедначени со оние на соседите Грција и Бугарија каде е и возможен влез на гас од други извори. Се определува времето на почеток на гасен ден наместо досегашниот 08:00 рm, да биде 06:00 pm, заради прилагодување на ЕУ , нормите.

До 1 јануари ќе има тест период за двата оператора и ќе се разработат сите процедури на работа, а во меѓувреме треба да се потпишат нови договори со снабдувачите и корисниците и да се усвојат нови правила на работа.

Во рамки на активностите за ублажување на последиците од енергетската криза, Владата завчера усвои мерки за поевтина струја за компаниите од прехранбената индустрија, училиштата и јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето со цел да се намали цената на основните прехранбени производи и непречено да се одвива образовниот процес во претстојниот зимски период. Со тие мерки  ќе бидат опфатени околу 200 компании, а според најавите доколку не се намали цената на основните прехранбени производи, Владата ќе ги замрзне цените.

За компаниите ќе биде обезбедена струја од 80 евра по мегават час, а оваа владина одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат основни прехранбени производи во кои спаѓаат производителите на масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Основните и средните училишта, пак, ќе имаат можност до 1 декември да склучат договор со ЕСМ продажба за набавка на електрична енергија по цена од 95 евра за мегават час, а по истата цена со електрична енергија ќе може да се снабдуваат и јавните комунални претпријатија. Се очекува на седница на Собранието да биде усвоен и Законот за потрошувачи, преку кој ќе се контролира цената на производите.

Претходно, на 9 октомври Владата усвои сет мерки во вредност од 350 милиони евра со кои се предвидува финансиска помош за најранливите категории граѓани и за пензионерите, како и за поддршка на приватниот сектор, коишто ги таргетираат микро, малите и средни компании.

Треба да знаете
Последни објави