Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „HardTalk” на BBC, со Стивен Сакр разговараше за почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, регионалната соработката и важноста на интеграција на Западен Балкан во ЕУ, последиците од воената агресија врз Украина како и светската енергетска криза.
„На Европската Унија ѝ треба Северна Македонија, ѝ треба целиот Западен Балкан да биде дел од Европската Унија. Со новата геостратешка ситуација што ја имаме во Европа и по инвазијата на Русија врз Украина и по сите безбедносни, енергетски и економски предизвици што се појавија во Европа, јасно е и потврдено од сите лидери во Европа, почнувајќи од претседателот Макрон, канцеларот Шолц, претседателката на Европската комисија Фон дер Лејен, дека Европската Унија не е целосна без Западен Балкан, без Северна Македонија, без Албанија, без Црна Гора и сите други земји. И таа е реалноста. Северна Македонија веројатно ја донесе најтешката и најмачната одлука во споредба со секоја друга земја што се приклучила кон ЕУ или ќе се приклучи кон ЕУ. Да не заборавиме дека во текот на овие седумнаесет години ние не можевме да напредуваме по европскиот пат поради билатерални или регионални прашања. На Балканот има многу, како што ги викам јас, идентитетски прашања. Босна и Херцеговина, Косово, целиот регион, она што се случило во изминативе триесет години, по распадот на Југославија, па дури и денес ако погледнеме што се случува со Украина и тоа е идентитетско прашање. Северна Македонија докажа дека може да има одржливи решенија за идентитетските прашања. Ние ја донесовме таа тешка одлука, во право сте, го променивме името на земјата за да станеме членка на НАТО и да напредуваме на патот кон европска интеграција. Исто така, постигнавме договор со нашите соседи, со Бугарија, а тоа исто така беше тешка одлука”, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски во разговорот за BBC истакна дека Северна Македонија започна многу инфраструктурни проекти, за да постигнеме диверзификација во снабдувањето со енергенси, особено со гас, со градење нови интерконектори, нови гасоводи, што водат од југ кон север, а не како нашиот, од исток кон запад.
„Има земји кои целосно зависат од рускиот гас, има земји кои делумно зависат од рускиот гас и има земји кои воопшто не зависат од него. Ние сме земја којашто е целосно зависна од рускиот гас и тоа е наназад со години, поради состојбата со економијата, поради односите во минатото. И во текот на оваа криза, секогаш постојат можности за промена, за подобрување и затоа започнавме со инфраструктурни проекти за диверзификација на изворите на снабдување со енергенси”, појасни премиерот Ковачевски.