Албанскиот претседател Илир Мета оствари средба со претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик и членот на претседателството Шефик Џаферовиќ, кои во Тирана престојуваат заради учеството на состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони.
– Задоволство ми е што денеска се сретнав со претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик и членот на Претседателството, Шефик Џаферовиќ. Нивното присуство на Самитот Брдо-Бриони во Тирана, претставува значаен придонес за регионот јасно ориентиран кон европските вредности, напиша Мета на Фејсбук.
Тој додава дека ја изразиле нивната заедничка волја за отворање амбасада на Албанија во Сараево и на БиХ во Тирана.
Додик, кому ова му е прва посета на Албанија, беше пречекан со протест организиран од Движењето „Самоопределување” за Албанија. Тој по пристигнувањето кусо изјави дека „не го импресионирале протестите на кои се прогласува за непожелна личност во Албанија”.
Претходно Мета имаше средба со косовскиот претседател Хашим Тачи, на која оцени дека Косово заслужува визна либерализација.