Димитров демантира дека си заминува: Имаме држава за оправање и градење

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров ги демантира последните шпекулации дека си заминува од функцијата и својата професионална кариера ќе ја продолжи како советник и аналитичар во влијателниот Институтот „Брукингс“ во Вашингтон, близок до Демократската партија.

-Грдото лице на старата (анти)политика што живее само во услови на страв и несигурност ќе биде минато. Старата “политика”, понекогаш изгледа се изразува преку “новинари”. Употребувам наводници бидејќи не знам дали смеам да ги нарекувам новинари тие кои не разликуваат факт од мислење, кои не проверуваат наводна “информација”, кои не ја бараат директно засегната страна, кои учествуваат во линч на личност или создаваат омраза, кои објавуваат чисти лаги.

За да не’ биде, одговорни сме се разбира најмногу слугите (со почести, но сепак слуги) на јавниот интерес. Но, одговорност мора да има во сите сфери, вклучувајќи ги и медиумите, бидејќи нема демократија без слободни и независни медиуми. Да се биде новинар е исклучително значајна општествена и благородна функција.

Знаете што? “Нема ништо посилно од силата на една идеја на која и’ е дојдено времето” (Виктор Иго). Времето на новата политика доаѓа. Нејзиното лице и методи се различни и препознатливи. Самодоверба и одговорност, наместо несигурност, страв, идолопоклонство и барање “непријатели”. Работа, фокус и натпревар во резултати, наместо црна кампања против противниците и сеење магла. Искреност, наместо фрази и лесни ветувања. Вистина, наместо лажни вести. Мисија, наместо привилегии.

Одите надолу, немаме веќе време со вас да се бавиме. Имаме држава за оправање и градење. А вие бујрум пораснете и дојдете во новото време да работиме во здрав натпревар, напиша Димитров на својот Фејсбук профил.

Според објавените информации понудата за нова кариера во САД министерот Димитров, наводно, ја добил во периодот пред потпишувањето на Преспанскиот договор, лично од поранешната амбасадорка на САД во НАТО, Викторија Нуланд, која сега исто така е дел од овој институт и од нејзината колешка Аманда Слоут, за која се зборува дека делумно помагала во пишувањето на Договорот со Грција.

-Повикуваме на одговорност за овој груб фалсификат кој, и покрај аматерскиот и крајно очајнички обид за лажно продуцирање на официјален акт на министер во Владата на Република Македонија, прави голема штета со тенденциозното пласирање на една огромна невистина, соопшти Министерството. ОД МВР најавија истрага, но до ден-денеска не се откри кој го (зло)употребил печатот за да го „разреши“ Димитров.

 

Треба да знаете
Последни објави