Отпуштен новинар на Би-би-си кој кралското бебе го спореди со шимпанзо

Би-би-си денеска отпушти водител кој на „Твитер“ постави слика од облечено шимпанзо со натпис „кралското бебе ја напушта болницата“, објави „Ројтерс“.

Сопругата на Принцот Хари, Меган, рано во понеделникот роди момче кое го доби името Арчи и е првото дете од мешана раса во британско кралско семејство.

„Штотуку бев отпуштен“, напиша на „Твитер“, Дејни Бејкер, водител на Би-би-си радио 5 лајв, по објавувањето на фотогарафијата, објаснувајќи дека неговата намера била да ја сподели интересната слика и не помислил на нејзината расистичка конотација.

Уредништвото на Би-би-си објави дека твитот на Бејкер бил сериозна грешка во проценката на новинарот и дека неговата постапка е во спротивност со вредностите зад кои стои станицата.

„Дени е голем водител, но веќе нема да работи на неделни шоуа со нас“, наведуваат од Би-би-си.

Меган, чија мајка е од афро-американско потекло, а нејзиниот татко белец, веќе беше предмет на расистички коментари за социјалните мрежи.

Треба да знаете
Последни објави