Украинскиот претседател Владимир Зеленски порача дека Украина ги анализира намерите на Русија и подготвува суштинска контрамерка, пренесе агенцијата Анадолија.
– Ги анализираме намерите на окупаторите и подготвуваме контрамерка – уште помоќна контрамерка од сегашната, рече Зеленски во видеообраќање.
– Ситуацијата во регионите Доњецк, Луганск, Харков, Запорожје и Херсон, како и Крим и териториите на фронтот се главните прашања, нагласи тој и додаде дека политичкото и военото раководство на земјата дискутирале за обезбедување нова опрема и муниција за вооружените сили.
Повторувајќи дека околу шест милиони корисници во повеќето региони на земјата и во Киев немаат електрична енергија, Зеленски рече: „Одделно одржав состанок за прашањата за енергијата и комуникациите. Ги бележиме резултатите од она што е веќе направено за заштита на нашите системи. Подготвуваме нови решенија.”
Тој особено ѝ се заблагодари на Канада, која од буџетот на Украина ќе даде 500 милиони канадски долари, и на Германија, која го призна гладот Холодомор во раните 1930-ти години како геноцид врз украинскиот народ.
Зеленски на крајот ја повика Германија да ги пренесе системите за противвоздушна одбрана „Патриот” во Украина.
Периодот на екстремен глад, познат како Холодомор, се смета за еден од најболните настани во историјата на Украина.
Според Украинскиот институт за национално сеќавање, најмалку 3,9 милиони Украинци умреле од глад во периодот меѓу 1932 и 1933 година како резултат на политиката на советскиот диктатор Јосиф Сталин.
Советскиот Сојуз спроведе колективизација на својот земјоделски сектор во периодот меѓу 1928 и 1940 година за да ги интегрира индивидуалните земјопоседници и работната сила во колективни претпријатија контролирани од државата, потсетува Анадолија.