Националната рамка на квалификации е исклучително важна алатка за формирање „досие” за стекнати вештини и резултати од завршениот формален и неформален образовен процес, кои секој еден граѓанин ги поседува.
Оваа рамка (НРК) овозможува прегледност на резултатите од учењето, односно нивото на квалификации и има за цел да им помага на надлежните органи при признавањето на квалификациите од формалното, како и да го олеснат признавањето на неформалното учење, а на креаторите на политики им помага да ги утврдат недостатоците на вештини и кадри за пазарот трудот. За работодавците пак, рамката е корисна за дефинирање и опис на работните места во своите организациски структури на стандардизиран начин, согласно веќе внесените стандарди на квалификации во системот на НРК.
Сепак, придобивките од Националната рамка на квалификации која е усогласена со Европската рамка на квалификации, се недоволно препознаени и затоа, Министерството за образование и наука со поддршка од експертска група во рамки на твининг проект финансиран од фондовите на ЕУ за понатамошна поддршка за надградба и имплементирање на рамката, работи на креирање комуникациска стратегија за поголемо доближување на НРК до јавноста.
Во текот на вчерашниот ден се одржа состанок на кој експертите и претставниците од МОН се согласија дека Националната рамка за квалификации треба да прерасне во препознаена архива на квалитет.
Како примарни целни групи со кои ќе се комуницира Националната рамка на квалификации се нотирани учениците, наставниците, работодавците и медиумите. Исто така, од особена важност е суштината на НРК да ја разберат и придобивките да ги препознаат и повозрасните лица со стекнати пониски квалификации и мотив за образовна надградба, како и лицата без верификувани квалификации кои сакаат и треба да го валидираат своето знаење заради успешен настап на пазарот на трудот и конкурирање на работни места во рамки на формалната економија.
Комуникациската стратегија ќе биде креирана до крајот на тековната година, а нејзината имплементација ќе започне со јавна презентација на пораките од истата пред медиумите и граѓаните.