Истражувачки проект од 2020 година во Музејот на град Скопје на Оделот за „Современа фотографија и филмски материјал”, на случајно пронајдени фотографски материјали (филмски негативи) доведе до сознание дека целокупниот материја е од фоторепортерот и доаенот на македонската фотографија Живко Јаневски работен за потребите на „НИП Нова Македонија”.
Истражувачкиот проект „Меморијата на Живко Јаневски” се насочи во правец на пронаоѓање на фотографиите во дневниот весник Нова Македонија и другите изданијата на Издавачкото претпријатие за нивно датирање и потребата за нивното објавување. Направен е детален увид на материјали кој се наоѓаа во пронајдените „жолти коверти”. Истражувањето во големиот материјал (285 црно бели филмови, 9500 негативи) упатува на сознание дека станува збор за еден релевантен документарен и авторски исказ.
По извршениот преглед водени од естетските вредности на авторот се направи концепција и избор за изложба, се дигитализираа и обработија негативите за печатенње. Поголемиот дел од фотографиите биле објавени, служејќи како илустрации на текстови или студиозни презентации на одредени проблеми и теми во дневниот весник, а преку објавените фотографии се датира периодот на создавањето на фотографскиот материјал. Во овие фотографски записи, материјали достапни за оваа изложба, снимени во почеток на деведесетите години на минатиот век односно од средината на 1989 до 1994 година, документиран е периодот на осамостојување на нашата држава како и времето на големите опшествени промени.
На филмските негативи запишани се првите денови на плурализмот, новото Собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, бројни посети на значајни политички преставници од повеќе земји и организации и бројни други случувања околу Собранието како и бројни културни и спортски настани. Проценка е дека тоа се извонредни материјали, снимени од еден наш врвен фото журналист, кои сега и јавно се презентираат во форма на изложба.
На изложбата поставени се 110 дигитално испечатени фотографии.