Европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји изјави денеска во Белград дека ЕУ создала пакет енергетска помош што ќе мобилизира најмалку 2,5 милијарди евра за регионот, јави дописникот на МИА од Белград. По средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, на заедничката прес-конференција, Вархеји рече дека забележлива е загриженоста како да се помине зимата, како и дали ќе има пари за сметки, не само во европските земји, туку особено во земјите со помалку финансиски средства на Западен Балкан. – Горд сум и среќен што можам да придонесам за решавање на овој проблем, можеби веќе оваа година, а најдоцна на почетокот на следната година ќе донесеме 165 милиони евра помош на најзагрозените домаќинства и малите и средните претпријатијата во Србија за да можат да го премостат големиот јаз во цените што настанаа поради енергетската криза, рече Вархеји. Како што истакна, вториот дел од програмата за решавање на енергетската криза ќе биде посветен на инвестиции кои треба да ја променат енергетската слика на Западен Балкан. Вархеји рече дека се договорил со претседателот Вучиќ дека е потребен нов план бидејќи сегашните рути и добавувачи мора да се сменат. – Мораме да ја промовираме енергетската транзиција и безбедност, на краток и долг рок, но исто така е неопходно да донесеме нови рути, нови извори на енергија и затоа мораме да ги туркаме нашите бугарски пријатели да ја забрзаат изградбата на гасен интерконектор со Србија, преку кој се надеваме дека наредната година ќе го видиме азербејџанскиот гас што ќе биде доставен до Србија, рече тој. Тој додаде дека токму затоа се „турка“ интерконекторот и со Северна Македонија за да и таму да има диверзификација на изворите на енергија. -Затоа притискаме и за еден нов терминал за течен гас на Јадранот, туркаме проекти кои би донеле зелена струја во Западен Балкан од земји како Египет и Тунис, тие се подготвени да инвестираат во зелената енергија и се надевам дека ќе можеме брзо да испорачаме струја до Западен Балкан.Сето ова значи дека Западен Балкан може да стане нова влезна точка за енергенти во ЕУ, рече еврокомесарот. Вархеји наведе дека има огромен предизвик, не само во Србија, туку и во земјите членки, а тоа, како што вели, е огромната градба на станбени згради во советски стил кои трошат огромни количини енергија. -Ние сакаме да ги обновиме што е можно побрзо, да ги направиме енергетски независни, самите да произведуваат енергија, за да можеме да ја намалиме енергетската зависност. Сето ова е дел од економскиот инвестициски план вреден 30 милијарди евра, но овој енергетски пакет доаѓа дополнително, бидејќи потребите се многу поголеми од она што го планиравме пред две години, изјави Вархеји. Тој додаде дека пред две години, кога бил во Белград и го презентирал планот, имале намера да го заменат гасот во Србија со азербејџански гас.