Независниот синдикат на полицијата денеска организираше протест пред Одделението за внатрешни работи во Кочани поради суспендирање на четворица полициски службеници. Од собирот беше упатено барање до началникот на ОВР – Кочани и до Министерството за внатрешни работи да ги преиспитаат причините за изречените казни и поднесените кривични пријави против полицајците, кои се обвинети за злоупотреба на службената должност и овластувањата.
– Дајте да ја видиме работата, многу е сериозно, 4 лица си заминуваат. Чизмите пред мене се чизми кои ги фрлаат полицајците, заминуват што подалеку, не од Македонија, од Балканот заминуваат, бегаат и пасошите ги кинат-изјави Гоце Делчев Тодев, претседател на Независниот синдикат на полицијата.
Според нив Министерството треба да се занимава со гонење на вистинските криминалци, а не да се отпуштаат обични полицајци.
– Не може обичниот полицаец да биде криминалец ако се напие кафе во кафе бар или народно кажано, манџа ако јаде. Криминалот е во високите структури на државата. Гледате, ова е вече сериозно. Ако полицијата е угнетена, не може да си ја работи работата, под притосок работат, а тие што не се послушни по автоматизам ги суспендираат и не се само во Кочани, има во повеќе места, ова повеќе не е издржливо- изјави Марјан Ристевски, претседател на конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.
На протестот се проклучија и од Полицискиот Синдикат на Србија, кој е дел од Балканската полициска унија, како и шумската, судската и затворската полиција , од специјалните полициски единици и пензионирани полициски службеници.