Писателот Божин Павловски денеска напладне на штандот на „Матица македонска” на Саемот на книга ќе има средба со читатели и ќе го потпишува најновиот роман „Мемоари на задоцнетиот романтичар”.
– Некој ова дело ќе го доживее како љубовен роман, друг како жестока полемика со едно сурово време, трет како социјална драма, за некого тоа ќе биде романизирана автобиографија, ниту еден читател нема да остане рамнодушен откако ќе ги помине сите 362 страници на ова дело со сочни дијалози и класична композиција. Во него како на филмска лента се редат најважните моменти од животописот на главниот херој кој себе се нарекува Епилептико, соопшти „Матица” за новиот роман на Павловски.
Во издание на „Griffin Press” и „АЕА publishers” од Мелбурн, пак, деновиве од печат излегоа неговите романи „Neighbouring the Owl” (Уткини соседи) и „A Novel for My Departure” (Роман за моето заминување) во превод на Елена Чаварела и под редакција на Бредли Досон. И овие два романа, како и претходните дванаесет, до крајот на мај ќе имаат дигитални изданија кај глобалниот издавач „Kindle Books”.
Божин Павловски (Жван, 1942) е македонски и австралиски писател. Живее и твори во Скопје и во Мелбурн. Автор е на 22 романа, а за богатиот романесиерски опус е добитник на национални и меѓународни признанија, меѓу кои и на државната награда „11 Октомври” за животно дело.