Коосновачот на „Фејсбук“, Крис Хјуз, изјави дека дојдено е време оваа социјална мрежа да биде разбиена.
Во статија објавена во „Њујорк тајмс“ во четвртокот, Хјуз вели дека извршниот директор на компанијата, Марк Закерберг го претворил „Фејсбук“ во монопол што ги задушува иновациите, објави агенцијата АП.
Социјалната мрежа „Фејсбук“ има повеќе од две милијарди корисници, а исто така ги поседува и „Вокап“, „Месинџер“ и „Инстаграм“, од кои секоја има повеќе од една милијарда профили. „Фејсбук“ го купи „Инстаграм“ во 2012, а „Вокап“ во 2014 година.
Хјуз смета дека моќта на Закерберг е без преседан и не-американска и додава дека неговиот поранешен колега се фокусирал на растот, што го натерало на тоа да ги жртвува безбедноста и етиката за кликови.
Според неговите зборови, „Фејсбук“ е монопол кој треба да се принуди да ги раздвои „Вокап“ и „Инстаграм“, а идните спојувања треба да му бидат забранети во следните неколку години.
Тој, исто така, повика на формирање на нова федерална агенција за регулирање на технолошките компании, чија прва задача ќе биде заштита на приватноста на корисниците.
Хјуз бил цимер со Закерберг на универзитетот Харвард, а „Фејсбук“ го напуштил во 2007 година за да учествува во предизборната кампања на Барак Обама.
Тој тврди дека сите свои акции на „Фејсбук“ ги ликвидирал во 2012 година, кога станал издавач на „Нова Република“ и веќе не инвестира во ниту една компанија за социјални мрежи.