Тајландскиот залив, кој по филмот „Плажата“ со Леонардо Ди Каприо во главната улога, стана познат низ целиот свет, ќе остане затворен до 2021 година, бидејќи неговата флора и фауна се сериозно оштетени поради прекумерниот број на посетители.
Заливот Маја, на островот Фи Фи Ле, привремено беше затворен минатата година, а пред тоа секој ден го посетуваа до 5.000 луѓе.
Како резултат на тоа, повеќето корали угинаа, јавува Би-би-си.
Властите сега ја пролонгираа забраната за посетителите на уште две години со цел да се овозможи повеќе време за еколошко закрепнување на заливот.
Откако плажата е затворена минатата година, во нејзините води се забележани гребенски ајкули.
Професорот Тон Тамронгнавасават, кој е советник во тајландското Министерство за национални паркови, за Би-би-си во јануари изјави дека бројот на посетители ќе биде ограничен кога заливот ќе биде повторно отворен, а на чамците нема да им биде дозволено да се укотват.