Најмалку 14 лица загинаа во вооружен напад на затвор во градот Сиудад Хуарез, во северно Мексико.
Државниот обвинител објави дека меѓу загинатите има 10 чувари и четворица затвореници, додека 13 затвореници се повредени, а најмалку 24 избегале, пренесува Ројтерс.
Засега не се знае кој го извршил нападот.
Обвинителот рече дека прелиминарните информации укажуваат дека напаѓачите пристигнале во затворот со оклопни возила и отвориле оган.
Би-би-си јавува дека во судирите во затворот, каде што се сместени членови на различни криминални групи и нарко-картели се повредени уште 13 лица, а четворица се згрижени во болница.
Неколку минути пред нападот на затворот во полиција бил пријавен напад, а по потера биле уапсени четворица мажи.
Потоа во друг дел од градот во вооружен напад загинаа уште двајца возачи.
Државниот обвинител не прецизираше дали трите инциденти се поврзани.
Армијата и Националната гарда беа повикани да им помогнат на локалните власти.
Во Сиудад Хуарез, ривалските нарко картели се судираат со години, во кои илјадници луѓе загинаа во последните 10 години.