Марија Бутина, руска агентка осудена на 18 месеци затвор во САД бидејќи не се пријавила како агент на странска држава, изјави дека и било чест да и помогне на Русија.
Во интервју за американското „Нешенел паблик рејдио” (НПР), таа вели оти знаела дека поранешниот вршител на должноста претседател на Горниот дом на рускиот Парламент, Александар Торшин, ги пренесувал нејзините ставови на руското Министерство за надворешни работи.
– Реков дека ми беше чест, бидејќи јас сум млада жена, а има и луѓе од Министерството за надворешни работи, кои моите сознанија и анализи ги сметаа како вредни. Ми беше многу пријатно, изјави Бутина за НПР.
Таа вели дека жали што не се регистрирала како странски агент во САД, но тврди дека не е шпион и сите нејзини активности ги спроведувала „отворено”.
Нејзините адвокати, во текот на судскиот процес, тврдеа дека таа е студентка, која е многу заинтересирана за американската политика и подобри односи меѓу САД и Русија.
– Ги сакам двете земји и градев мир. Сега сум засрамена што предизвикав караница наместо да доведам до мир, бидејќи не се пријавив (како агент), вели Бутина, додавајќи дека тоа е товар, кој ќе го носи целиот нејзин живот.
Бутина, која по отслужувањето на затворската казна ќе биде депортирана во Русија, вели дека не е загрижена за тоа.
– Тие кои ме знаат, знаат дека не сум шпион, ниту дека поседувам некави тајни информации. Не мислам дека имам какви било закани, ниту пак сум загрижен за мојата безбедност, вели таа.
Бутина истакна дека нема никакви сознанија за можното мешање на Русија во претседателските избори во 2016 година.
Таа е во притвор од јули минатата година.