Норвежанка починала откако била заразена со беснило на Филипините, објави Би-би-си.
Биргит Калестад (24) била на одмор со своите пријатели кога пронашле мало куче на улица, се наведува во соопштението на нејзиното семејство. Семејството верува дека таа се заразила со беснило кога кучето ја каснало откако со себе го повела во одморалиштето.
Првите симптоми на болеста се појавиле веднаш по враќањето во Норвешка, а девојката умрела во понеделникот во болницата во која инаку работела.
Овој несреќен настан е прва смрт од беснило во Норвешка во последните 200 години.
„Нашата драга Биргит ги сакаше животните“, велат од нејзиното семејство. „Се плашиме дека истото може да се случи и на некој друг со големо срце како неа“.
Беснилото може да се излечи, но само доколку навремено се започне со терапија. Инаку, кај луѓето предизвикува инфекција на мозокот и нервниот систем опасна по живот. Кога ќе се појават првите симптоми, веќе е доцна за лекување, а беснилото скоро секогаш е смртоносно.
Норвешката влада не пропишува задолжителна вакцинација против беснило за граѓаните кои патуваат во други земји, па семејството Калестад бара промена на законите.
„Ако успееме да го смениме овој закон, смртта на нашето дете нема да биде залудна“, велат од семејството.