Работник во расадникот за украсни дрвца „Еуроплантс” во тетовско село Прељубиште го убил својот газда, Холанѓанец кој го фатил како спие на работното место, дознава 24 Инфо. Работникот револтиран зел камен и му ја смачкал главата на работодавецот.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово врши увид на местото на кое 45-годишен жител на тетовското село Јанчиште, денеска во 13:30 часот го лишил од живот неговиот работодавец, 60-годишен државјанин на Кралството Холандија.
Настанот се случил во расадник во селото Прељубиште, сопственост на сега починатиот. Осомничениот вработен во расадникот најпрвин започнал вербална расправија, а потоа и физичка пресметка со работодавачот. Притоа тој му задал удар со камен во главата и му нанел смртоносни повреди. Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување на траги и нивно натамошно вештачење и наредба за обдукција на починатото лице, а одземени се и видео записи од мобилен телефон на очевидец на настанот. Осомничениот е лишен од слобода, а истрагата во обвинителството продолжува до целосно расчистување на случајот, информираше ОЈО.