Со 153 гласа „за”, Владата на Ципрас вечерва доби доверба од грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.
Освен пратениците на СИРИЗА и оние кои ја поддржуваат Владата и се на министерски позиции, позитивно за доверба на владата гласаше и пратеникот Јанис Саридис од партијата Сојуз на централисти.
Од 300 пратеници колку што брои грчкиот Парламент, гласаа 289, од кои 136 беа против.
На тридневната расправа што започна во средата попладне и траеше околу 29 часа, збор зедоа 112 говорници, меѓу кои и премиерот, лидерите на политичките партии и министри од Владата.
На гласањето му претходеше обраќање на лидерите на политичките партии, а расправата со говор ја заврши грчкиот премиер.