Норвешкиот писател Томас Енгер доаѓа на Саемот на книгата

Норвешкиот писател Томас Енгер, доаѓа во Скопје и ќе присуствува на промоцијата на преводот на неговиот роман „Каменувана“, во издание на издавачката куќа „Бата прес“. Промоцијата на делото ќе биде на 13 мај, во 18 часот, во промотивниот центар на Саемот на книгата во арената „Борис Трајковски“. Авторот својата книга на македонски јазик ќе ја потпишува и со читателите ќе се сретне на штандот на издавачот.

Томас Енгер своето доаѓање го потврди и со видео обраќање до македонските читатели, повикувајќи ги да му се придружат на саемот на книгата и истакнува дека му е мило што прв пат доаѓа во нашата земја.

„Една од најголемите предности да се биде писател е тоа што патувам многу, а сега ќе дојдам, ќе ја посетам и ќе дознам за Македонија“, меѓу другото истакнува тој во интервјуто што го даде пред пристигнувањето во Скопје.

Психолошкиот, крими трилер „Каменувана“ од норвешки на македонски јазик го преведе Искра Бадева, и е прв во серијалот за новинарот Хенинг Јул, кого го прогонува минатото и трагедијата кога во пожар го изгубил својот син. Тоа е сторија за брутално злосторство, во осамено место во еден парк во Осло. Во шатор е пронајдено тело на убиена и каменувана млада девојка, закопанa до половина во земја. Првите сомненија се дека станува збор за таканаречено „убиство од чест“, а полицијата се сомнева во нејзиниот младич, инаку пакистански мигрант. Но… Богатото и на прв поглед мирно Осло и скандинавскиот мир го разбиваат скандалите, бандите, емигрантите, расисистите, сензационализмот во новинарството и електронските медиуми.

Томас Енгер (1973) е норвешки новинар, писател на криминалистички бестселери преведени на повеќе од 20 јазици. Освен со пишување тој се занимава и со музика. Живее и работи во Осло.

 

Треба да знаете
Последни објави