Министерството за надворешни работи на Грција ги достави до грчкиот Парламент двата нацрт закона по потпишаните договори во Скопје за отворање на нови гранични премини меѓу Северна Македонија и Грција, едниот кај Мајден, другиот кај Маркова нога, а во вториот, вклучени членови и за подигнувањето на Канцеларијата за врски во Скопје на ниво на амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат, јави дописничката на МИА од Атина.
Едниот предлог закон е под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин меѓу двете земји, што ќе ги поврзува Промахи во Република Грција со Мајден во Република Северна Македонија”, а вториот под наслов „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро и други одредби”.
Според информациите на дописничката на МИА од Атина, нацрт законите, прво, во текот на следната седмица, ќе се разгледаат на надлежната Комисија за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент, а потоа ќе бидат доставени за ратификација на пленарна седница во Парламентот.
Нацрт законите доставени во грчкиот парламент, кои во посебни членови ги вклучуваат потпишаните договори во Скопје, едниот на 8 март 2019, другиот на 2 април 2019, се потпишани од министрите за: надворешни работи Јоргос Катругалос, цивилна заштита Олга Геровасили, финансии Евклидис Цакалотос, транспорт и врски Христос Спирѕис и алтернативната министерка за надворешни работи Сиа Анагностопулу.
Согласно потпишаните договори, за изградбата и отворањето на граничниот премин кај Мајден ќе се користат фондови од Европската унија, а во договорот за граничниот премин кај Преспа, вклучени се и членови за подигање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.
Според двата потпишани договори во Скопје, предвидено е да се формира заедничка Комисија на експерти од двете земји со најмногу девет претставници од секоја страна кои ќе бидат надлежни за техничките и правните теми, за функционирањето на граничните премини и за други прашања од заеднички интерес поврзани со спроведувањето на договорите.
Во рок од 30 дена од стапувањето на сила на договорот, двете страни по дипломатски пат ќе ги разменат листите со членовите на Комисијата, која за прв пат ќе се состане во рок од три месеци по стапувањето на сила на договорот, а ќе одржува состаноци на секои две години.
Ваква комисија е предвидена и за граничниот премин кај Мајден и за граничниот премин кај Маркова нога.
Нацрт законот „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин меѓу двете земји, што ќе ги поврзува Промахи во Република Грција со Мајден во Република Северна Македонија”¨, содржи три члена, а нацрт законот „Ратификација на Договорот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во врска со воспоставување нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро и други одредби”, има седум члена.
МИА ја пренесува содржината на двата нацрт закона, доставени вчера во грчкиот Парламент.
Нацрт закон за граничниот премин кај Преспа
Согласно потпишаниот договор во Скопје, граничниот премин кај Маркова нога, ќе се користи исклучиво за лица и возила до 5 тони.
Во предлог законот доставен до грчкиот Парламент, членот 1 го содржи во целост, на грчки и англиски јазик, потпишаниот договор во Скопје, на 8 март 2019 меѓу алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу и министер за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров.
Вториот член од нацрт законот се однесува на одлуките на Заедничката комисија на експерти, согласни членот 3 од потпишаниот договор во Скопје.
Третиот член се однесува на подигањето на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.
Во овој член 4 и член 5 детално е објаснет составот на персоналот што ќе работи во амбасадата во Скопје и конзулатот во Битола.
Нацрт закон за граничниот премин кај Мајден
Членот 1 го содржи во целост, на грчки и англиски јазик, потпишаниот договор во Скопје, на 2 април 2019 меѓу алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу и заменикот министер за надворешни работи на Северна Македонија, Андреј Жерновски.
Вториот член од нацрт законот се однесува на одлуките на Заедничката комисија на експерти, согласни членот 3 од потпишаниот договор во Скопје.
Членот 3 од нацрт законот се однесува на стапувањето на сила на законот, откако ќе биде објавен во Службен весник.
За стапување на сила на договорите, предвидена е истата процедура како и за останатите грчки закони, односно гласање во Парламентот, објавување во Службен весник и издавање Претседателски декрет, потпишан од грчкиот претседател.